Да молиме за мир; страшно е да се заработува од смрт

Да молиме за мир; страшно е да се заработува од смрт

На крајот од Генералната аудиенција во среда 1 мај 2024 година папата Фрањо ги спомена жртвите од војната во Украина, Палестина, Израел, како и Рохинџите во Мјанмар и истакна дека, за жал, најпрофитабилните инвестиции се оние поврзани со индустријата за оружје. Тој, исто така, поттикна на молитва за жртвите од поплавите во Кенија, кои погодија 190.000 луѓе

На денот кога црквата го слави празникот Свети Јосиф Работник и започнува месецот посветен на Марија, папата Фрањо уште еднаш се помоли за мир и за луѓето кои се жртви на војната. Војната е секогаш пораз, секогаш – повторно истакна Папата на крајот од Генералната аудиенција.

Да мислиме на напатената Украина, која толку многу страда. Да мислиме на жителите на Палестина и Израел, кои се во војна. Да мислиме на Рохинџите, на Мјанмар и да молиме за мир, да молиме за вистински мир за овие народи и за целиот свет.

Се молиме за мир, да напредува – повика Папата, потсетувајќи повторно дека, за жал, инвестициите кои носат најголем приход денес се фабриките за оружје. Да се заработува од смрт е страшно – истакна Папата.

Молитва за жртвите од поплавите во Кенија

Светиот Отец ја изрази својата духовна близина и со населението на Кенија, во овој момент – како што рече – кога големата поплава однесе животи на многу наши браќа и сестри, други повреди и предизвика големи штети. Како последица на невремето, кое го погоди Најроби и блиската област Маи Махуи, досега загинаа најмалку 169 лица, додека 91 лице се водат како исчезнати. Поплавата зафати повеќе од 190 илјади луѓе. Ве поттикнувам да молиме за сите оние кои ги трпат последиците од оваа природна катастрофа – рече Папата, додавајќи дека и среде неволјите се сеќаваме на радоста на воскреснатиот Христос.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот