Епископот Киро Стојанов порача дека Воскресението е голема и радосна вест за човекот и за целиот свет и повика на сведоштво на верата
На празникот Воскресение Христово, Велигден, на 12 април 2026 година, во катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов, служеше света архиерејска Литургија, со која свечено беше прославен централниот велигденски настан во Струмичко-скопската епархија. Со епископот сослужуваа свештеници од епархијата.
На прославата ѝ претходеше Воскресна утрена во дворот на катедралната црква, проследена со процесија и со обредот на отворање на вратите на катедралата.
Во својата велигденска проповед, епископот Стојанов најпрво им го честита празникот на присутните верници, на слушателите на Радио Марија, како и до сите до кои ќе допре пораката за Воскресението. Потоа истакна дека Воскресението Христово претставува голема и радосна вест, како за секој човек лично, така и за целиот човечки род.
Тој нагласи дека по Христовото Воскресение историјата на човештвото и историјата на спасението добиваат нова смисла, а животот на верниците се одвива во време помеѓу двете големи вистини на верата: Христовото Воскресение и Неговото повторно доаѓање во слава.
Епископот Стојанов упати и охрабрување до верниците, посочувајќи дека ова е време во кое христијаните се повикани да Го наследуваат Воскреснатиот Христос. Според неговите зборови, верата на Црквата се потпира врз сведоштвата за Воскреснатиот Христос, а верниците во светот во кој живеат се повикани со својот живот да ја исповедаат, живеат и пренесуваат таа вера.
Притоа, тој потсети дека генерациите што доаѓаат ќе го наследат токму она сведоштво што денешните христијани ќе го остават зад себе. Тоа, како што истакна, претставува голема одговорност, а воедно и драгоцена можност за автентично живеење на Евангелието и за храбро сведочење на воскресната надеж во секојдневниот живот.
За време на светата Литургија, епископот Стојанов ја подели светата Тајна Крштение на малиот Никола, внесувајќи го во заедништвото на Христовата Црква токму на празникот на Христовото Воскресение.
Со своето присуство и пастирска грижа, епископот и во овие денови ја посведочи својата близина со верниците, предводејќи ги низ таинствата на Христовото страдање и Воскресение. Имено, епископот Стојанов, на Велики Четврток во катедралата „Успение на Пресвета Богородица“, служеше света Литургија со посвета на миро и обредот на миење нозе, а на Велики Петок присуствуваше на Крстниот пат во Радово, а вечерта во струмичката црква „Раѓање на свети Иван Крстител“ ја предводеше Ерусалимската утрена со статии и процесија.
к.мк

