За време на светата Литургија во Кастел Гандолфо, по повод празникот Успение на Пресвета Богородица, папата Лав XIV се восхитуваше на тоа како Пресвета Богородица, преку Божјата благодат, нè води кон небото. Тој нагласи дека љубовта е „најубавиот украс на човештвото“, бидејќи „нè преобразува, менува, облагородува и издигнува, правејќи нè лесни, слободни и блиски до Бога, дури и среде подемите и падовите на животот“.
„Токму чистотата на душата е она што во Марија, како и во нас, преку Божјата благодат, ја осветлува и преобразува целата личност, водејќи нè кон небесната слава.“
На ова потсети папата Лав XIV за време на светата Литургија за празникот Успение на Пресвета Богородица, која ја служеше во Папската парохија „Свети Тома од Виланова“ во Кастел Гандолфо, на 15 август 2026 година.
Светиот Отец ја започна својата хомилија истакнувајќи дека со голема радост и оваа година го слави празникот Успение заедно со парохиската заедница.
Пресвета Богородица земена со тело и душа во небесната слава
Папата потсети дека учењето на Црквата нè учи дека Марија, „откако го завршила својот земен живот, била земена со тело и душа во небесната слава“. Во ова таинство, рече тој, гледаме исполнување на најсовршената благодат што Бог ѝ ја дарувал уште при нејзиното Безгрешно зачнување.
Поради тоа, папата Лав XIV забележа дека многу уметнички дела се вдахновени од приказот опишан во Книгата Откровение, опишан во првото читање: „Жена облечена во сонце, со месечината под нозете“. Тоа означува дека во срцето на Марија се среќаваат небото и земјата, времето и вечноста.
Затоа, објасни Папата, овие дела ја прикажуваат како убава млада жена, која на крајот од својот земен живот е воздигната од земјата во небото.
На прв поглед, призна Папата, оваа слика изгледа спротивна на нашето искуство за она што годините го прават со човекот.
„Како што старееме“, рече Папата, „нашите тела не стануваат поподвижни, туку потешки; нашата кожа не станува посвежа, туку ги покажува знаците на староста; нашата коса не добива повеќе боја и сјај, туку станува седа, а потоа бела. Тогаш, што имаме заедничко со убавата млада жена прикажана на олтарните слики во нашите цркви?“
Чистотата на душата
За да го разбереме тоа, објасни Папата, треба да ги соединиме двата знака: нераспадливото тело на Мајката Божја и нејзиното безгрешно срце.
„Токму чистотата на душата е таа што во Марија, како и во нас, преку Божјата благодат“, повтори тој, „ја осветлува и преобразува целата личност, водејќи нè кон небесната слава.“
„Прославувањето на Марија со тело и душа“, нагласи папата Лав XIV, „нè учи дека нашата вистинска убавина не се состои во криење на знаците на стареењето, туку во откривање на знаците на љубовта што никогаш не завршува и што се втиснува дури и во нашето тело.“
Имајќи го тоа предвид, Светиот Отец ги повика верниците повторно да ги преиспитаат многуте естетски стандарди, главно хедонистички и потрошувачки, што светот ни ги наметнува.
„Овие стандарди“, предупреди тој, „ризикуваат да нè заробат во тешки очекувања и да нè натераат да трошиме драгоцена енергија на она што навистина не е важно и не трае вечно.“
Мали погледи кон небото
Светиот Отец призна дека понекогаш лесно можеме да видиме каде се наоѓа вистинската убавина, а каде, пак, сè уште има потреба од преобраќање, простување и исцелување.
„Ако навистина сакаме да ја откриеме и негуваме божествената убавина што нè опкружува, за која сме создадени и која сме повикани да ја споделуваме со оние околу нас, треба да научиме да ја гледаме во брчките на старецот, како и во нежното лице на детето; во зрелоста на возрасниот, како и во живоста на младиот човек; во работната облека и алатите, како и во празничните украси.“
Папата Лав XIV додаде дека „треба да ги слушаме единствените приказни на љубовта што секоја од овие реалности ни ги раскажува, препознавајќи во нив мали погледи кон небото“.
„Љубовта“, нагласи Папата, „е најубавиот украс на човештвото“, бидејќи „нè преобразува, менува, облагородува и издигнува, правејќи нè лесни, слободни и блиски до Бога, дури и среде подемите и падовите на животот“.
Размислувајќи за тајната на Успението на Богородица, папата Лав потсети дека свети Павле VI рекол дека, за да го разбереме нејзиното значење, „треба поимите што ги користиме во земниот и временски јазик да ги преобразиме во врвни и апсолутни поими, за да ја замислиме вечноста на некој начин “.
Папата потсети и како папата Фрањо размислувал за средбата меѓу бесконечното и конечното во Мајката Божја, пишувајќи: „Марија умееше да претвори една штала во дом за Исус, со сиромашни пелени и изобилство љубов.“
Нејзиното невино срце
Папата Лав XIV објасни дека чудото што Марија, девојката од Назарет, го доживеала во „своето невино срце“, а кое ја довело до небесната слава, е средба на крајности, како што и самата сведочи во вдахновените зборови на Magnificat.
„Во оваа песна, преку смирените изрази на својата вера“, рече Папата, „Мајката Божја ни зборува со едноставни зборови за величествените таинства што ги доживеала: Бог станува човек во неа за да го спаси човештвото, а Вечниот се открива во времето за повторно да ни го отвори патот кон вечноста.“
Истовремено, потсети папата Лав XIV, како „понизна слугинка“, според зборовите на свети Павле VI, Марија ни ја покажува „понизната димензија“ во која и ние можеме да Го сретнеме Господ.
Светиот Отец рече дека не треба далеку да бараме за да ја најдеме возвишеноста на тајната што ја славиме, туку можеме да ја сретнеме секаде каде што има вистинска љубов.
„На пример“, објасни Папата, ја среќаваме „во очите на татко и мајка што се враќаат дома по долг ден, уморни, но среќни што се со своите деца“, како и „во лицата на дедовците и бабите кои, и покрај болките и слабостите на староста, се исполнети со неочекувана енергија додека се грижат за своите внуци“.
Тој рече дека можеме да ја видиме и во посветеноста на младите што се трудат да растат во моралност и искреност, подготвени дури и да одат спротивно на она „што сите го прават“.
На крај, продолжи Папата, таа се гледа и во секојдневната работа на толку многу мажи и жени кои, со вера и посветеност, помагаат да се донесе малку небо на земјата и земјата да се приближи до небото.
Лицето на Богородица е неповторливо, но и блиско
„Драги пријатели, убавото лице на Богородица е единствено. Ја надминува секоја можна претстава, а сепак, истовремено, ни е блиско.“
„Дури и во овој миг“, посочи папата Лав XIV, „можеме да го видиме нејзиното лице во луѓето што се блиску до нас, во браќата и сестрите со кои, во верата, го споделуваме секојдневното принесување на својот живот.“
Тој забележа дека во нејзината света човечка природа, преку Божјата благодат, „ја гледаме и нашата природа“. Затоа, рече Папата, и ние сме „повикани да го живееме истиот благодатен живот што таа го живееше и да учествуваме во нејзината слава“.
Папата потсети како свети Августин, зборувајќи за Христовото воскресение, ги повикувал христијаните од своето време да го направат компас и средиште на својот живот, кога рекол: „Христос воскресна од мртвите за никогаш повеќе да не умре… Променете го правецот, следете ја светлината! Почнете да воскреснувате од истото место од кое Тој воскресна.“
Имајќи го тоа предвид, папата Лав XIV ги повика верниците да ја прифатат повикот на светителот и да ја следат светлината на воскреснатиот Господ, „менувајќи го правецот ако е потребно“.
На крајот од хомилијата, папата Лав XIV ги повика верниците заедно со него „да погледнат во Марија, која Бог ја овенчал со слава во тело и душа и која ни ја дал како Мајка, водилка, сопатничка на нашиот пат и заштитничка на патот кон небото“.
Ватикан њуз/к.мк

