Сега размисли за што можеш да Му се заблагодариш на Бог? Кога последен пат му се заблагодари за сѐ што имаш? Што е вредно за благодарност? Дали ги поттикнуваш своите деца на благодарност? Дали ја негуваш умереноста во материјалните работи?
Верувам дека можете да се присетите на чувства кои сте ги имале во своето срце после позитивно решен проблем, излекување од болест или избегната несреќа. Тогаш сигурно сте почувствувале силна радост и големо олеснување. Таквата состојба на нашата внатрешност се нарекува благодарност. Во тие моменти одеднаш сфаќаме колку животот е скапоцен и со нови очи ја гледаме реалноста околу нас. Нашите очи како да добиваат подлабок поглед. Повеќе го цениме и животот и луѓето околу себе. Но, имаме и искуство дека нашата благодарност кратко трае, мецес дена или половина година… Со текот на времето стануваме тупи и неблагодарни. Кога ни е добро, животот поприма облик на рутина и таа ги затвора нашите очи за благодарноста. Заради тоа благодарноста како човечка добродетел е потребно постојано да се „вежба.“ Потребно е да се бара во секојдневието, во неважани ситуации и луѓе кои Господ ни ги става на патот. И тоа е постојана борба и предизвик!
Исус во евангелската случка за лепрозните нѐ поттикнува на благодарност. Се жали од лепрозните кои покажале неблагодарност откако го искусиле чудото на оздравувањето. Откако се излекувани, заборавиле кој им го вратил здравјето, статусот, семејството, работата… животот. Зарем не е слично и со нас? Се жали Исус и на градот Ерусалим кој не го забележува бескрајното Божјо милосрдие, ниту дарот кој му го дава Господ кога настојува да го прифати како што „кокошка што ги собира пилињата свои под крилја“ (Матеј 23, 37)
Свети Хозе Марија Ескрива нѐ поттикнува: „Навикни се па повеќе пати во денот воздигни го своето срце до Бог во благодарност: за било што од Него да примиш, ова и она, за она што другите те презреле, за тоа што толку многу имаш или што немаш нешто. И затоа што ја направил толку убава своја Мајка, која е и твоја Мајка. Што го создал сонцето и месечината, овие животни, онаа билка. Што го создал тој човек толку слаткоречив, а тебе толку неподвижен во зборовите. Заблагодари Му за сѐ, затоа што сѐ е добро.
Можеме да кажеме дека благодарноста е неопходен облик на изразување на верата, затоа што на тој начин Го признаваме Бог како извор на сето добро во нашиот живот. Благодарноста ни помага да бидеме понизни затоа што признаваме дека имаме потреба од Божјата помош. Го имаме искуството на сопствената беда и слабостите. Благодарноста ни помага и со љубов да гледаме на туѓите дарови. Таа нѐ штити од љубомората, зависта и споредувањето со другите. Секоја благодарност создава силна поврзаност меѓу луѓето. Кога на другите сме им благодарни, негуваме љубов кон тој човек и доброто дело кое го направил, макар тоа да е мало. Нашиот живот е исткаен од ситници и важно е да се негува благодарноста кон ситните, секојдневни добри дела на луѓето кои го прават нашето секојдневие.
Благодарноста се учи во семејството. Децата го апсорбираат нашето однесување и тоа подоцна го носат како модел низ сопствениот живот. Предизвик е да се воспитаат благодарни деца. Денешниот конзумизам и материјализам нѐ тераат во неблагодарност. Светот околу нас го диктира темпото во модата, облекувањето, каков мобилен телефон треба да имаш за да бидеш „cool“, каков автомобил, што треба да работиш и што треба да имаш за да не бидеш исфрлен од друштвото, за да бидеш лажно почитуван. Како никогаш ништо да не е доста, не е доволно, секогаш се бара повеќе, поскапо. Околку нас сѐ стана лесно достапно, нѐ повикува од различни излози, ни нуди слика за нас како поубави, подобри, попривлечни.
А благодарен човек сѐ има колку што му треба. Благодарниот човек е задоволен човек. Затоа што не се бори за многу работи кои не му се потребни, кои не го изградуваат, не му ја исполнуваат душата и срцето. Благодарниот човек е среќен човек, затоа што во срцето знае дека сѐ што е и што има го прима од Отецот. Незадоволните луѓе всушност во коренот се неблагодарни. Бидејќи не гледаат колку дарови веќе примиле, колку Господ ги љуби токму такви какви што се.
На нас родителите е со примерот на својот живот да покажеме благодарност и децата да ги направиме свесни за животните ситуации за кои е потребно да Му се заблагодарат на Бог. Се сеќавам дека на нашите деца понекогаш им пречеше постојаниот говор за Провидноста која се грижи за нас. Се обидувавме исто така да ги направеме свесни за ситуациите во кои навистина се покажуваше Божјата грижа за нас и да ги поттикнеме да бидат благодарни. Ни зборуваа дека кај нас секогаш сѐ завршува со Бог или со некој верски заклучок. Таквиот говор понекогаш им изгледаше претеран, затоа што нѐ уверуваат дека она што го примаат всушност е плод на работата на нивните родители.
Но тогаш требаше да се одврзе клопчето до почетокот, да се појде од тоа дека самиот живот, телото, целата вселена околу нас е дар, дека е создадено за нас, дека и работата која ја имаме е дар, здравјето за да можеме да работиме исто така, па знаењето кое го имаме исто така, па сите оние луѓе кои учествувале во нашето воспитание итн. И секогаш на крајот доаѓаме до тоа дека токму секоја алка во тој синџир е дар од Господ. Да, ништо, па ниту нашиот живот и тело не сме ги заработиле. Во една фаза од нивниот раст, кога беа сѐ уште мали, нѐ прашаа дали ги сакаме повеќе нив или Господ, како таа љубов меѓусебе да е конкуретна.
Токму задачата на нас родителите е да им ја покажеме на децата насоката кон Изворот, кон Оној Кој е Патот, Вистината и Животот. Затоа е силно важно во децата да се развива чувството на благодарност, затоа што кога ќе созреат тоа ќе им помогне и во односот со Бог. Неблагодарниот човек не го познава Бог и не го признава Неговото присуство. Верува во човечката сила и сопствената памет. Ако детете го воспитате за благодарност, ќе му помогнете и во неговиот однос со Бог.
Сега размисли за што можеш на Бог да Му се заблагодариш? Кога последен пат му се заблагодари за сѐ што имаш? Што е вредно за благодарност? Дали ги поттикнуваш своите деца на благодарност? Дали ја негуваш умереноста во материјалните работи? Октомври е месецот на благодарноста за Божјото присуство преку прирдата и нејзините плодови. Искористете го овој месец за да размислете за благодарноста. Искористете го за поблизок однос со Господ и со Неговата Мајка. Ниту едно создание како Блажена Дева Марија која го носела во својата утроба девет месеци не може подобро да поучи на благодарност. Да молиме за таа благодат!
Мирта Милетиќ/Гласник мира/к.мк