Свети Јозафат, епископ и маченик (1580-1623)
Јозафат Кунцевиќ е роден окoлу 1580 година во Украина од православни родители. На крштението го добива името Иван, а кога ќе стапи во монашкиот ред на Василијанците ќе го земе монашко име Јозафат. Во таа монашка заедница влегува прифаќајќи ја католичката вера, единството со Рим, а како и останатите соединети христијани, сочувавајќи го источниот обред и традиција. Поради тоа ќе стане голем чувар и застапник за единство на христијаните. Тоа ќе биде и причината за неговата маченичка смрт.
Облекувајќи ја монашката облека Јозафат ја имал привилегијата да биде првиот новак во соединетиот со Католичката црква манастир Пресвета Троица во Вилнус. Тогаш имал 20 години. Тој, во таа древна монашка заедница со богата традиција и духовност ќе внесе нов пламен, нова идеја под влијание на оците Исусовци кои тогаш на територијата на Полската држава биле многу активни. Тоа го прави кога станува поглавар на манастирот, а уште повеќе кога станува архиепископ во Полоцка, Рутенија, област која за време на царот Сигисмунд III преминува од руско во полско владеење.
Архиепископот Јозафат бил варварски убиен од 12 злосторници на 12 ноември 1623 година во Витебск, Белорусија, бидејќи неговата пасторална ревност и неуморна работа за единство со Католичката црква предизвикала кон него омраза од страна на некои православни, одделени од Рим. Јозафат на своите противници им зборувал: „Вие мене смртно ме мразите, додека јас сите ве носам во срцето и ќе бидам радосен ако умрам за вас”. Тоа биле пророчки зборови. Доближувајќи се до граѓанската власт и искористувајќи го моментот на политички раздор во Полска, група фанатици, наоружена со сабји и пушки, влегува во пребивалиштето на Јозафат и го убиваат. Неговото голо тело го фрлиле во реката Дуна. Но верниците чекале до дојдат до него за да го погребат на достоинствен начин. Неговата смрт била повод за многу преобраќања и зацврстување на Католичката црква од источен обред. Јозафат многу брзо е прогласен за блажен. Папа Пиo IX во 1867 година го прогласува за свет.
Превод: Сестри Евхаристинки – Гевгелија