Светиот Отец се врати во Ватикан од духовните вежби
Папата Фрањо на 14 март околу 11.30 часот се врати во Ватикан, со автобус заедно со своите соработници од Римската курија, откако утринава завршија духовните вежби во Великиот пост, кои се одржуваа во домот на Божествениот Учител во Арица, куќа на монашката заедница на Паолинците. Светиот Отец се заблагодари на монсињор Анџело Де Донатис за вештината со која го посеа доброто семе, Словото Божјо.
Дон Анџело, сакам да ви заблагодарам во свое име и во име на сите нас, за помошта која ни ја дадовте овие денови, за вашето следење и слушање… рече Светиот Отец. Сега се враќаме дома со добро семе, Словото Божјо. Господ ќе испрати дожд и семето ќе порасне и ќе донесе плод. Му благодариме на Господ за семето и за дождот кој ќе ни го прати, но сакаме да му заблагодариме и на сејачот, бидејќи Вие бевте сејачот и тоа навистина многу добро го работите! Го фрлате таму – ваму, а не ни забележувате, или се правите дека не заблежувате и така директно погодувате, рече Папата насмевнувајќи се. Ви благодарам за тоа и Ве молам да продолжите да молите за овој „синдикат на верници“, бидејќи сите сме грешници, но сите сакаме да го следиме Исус одблизу, не губејќи ја надежта во ветувањето, но и да не ја изгубиме смислата за хумор, рече папата Фрањо.
РВ/го*ко