Да не се срамиме да ја изразиме радоста поради средбата со Господ, да не се оддалечуваме од веселбата на народот кој го чуствува Бог близу до себе, истакна папа Фрањо во проповедта на вчерашната света Литругија одржана во Домот Света Марта. Евангелието ќе се шири, додаде, само со евангелизатори полни со живот и радост. Таа радост се продолжува и на масата заедно со семејството
Својата проповед Папата ја насочи на христијанската радост инспирирајќи се од првото читање на вчерашната Литургија, земено од Втората книга Царства, во кое се говори за Давид и целиот израелски народ во голема веселба поради враќањето на Божјиот Ковчег во Ерусалим.
Веселба на народот зашто Бог е близу
Ковчегот беше украден – потсети Папата – поради тоа неговото враќање е голема радост за народот. Народот чувствувал дека Бог им е близу и поради тоа славеле. И царот Давид бил со народот: Отиде на чело на процесијата и „принесуваше жртва по едно јунче и по еден овен“. Заедно со народот „Давид скокаше со сета сила пред Господа“. Беше тоа веселба; радост на Божјиот народ зашто Бог беше со нив. А Давид? Танцува пред народот, ја искажува својата радост не срамејќи се; тоа е духовна радост поради средба со Господ – напомена Папата.
Бог се врати меѓу нас и тоа е за нас голема радост. Давид не размислува за тоа дека е цар и дека царот мора да биде оддалечен од народот, на дистанца… Давид го љуби Господ, среќен е поради тој настан, затоа што го донесе Божјиот Ковчег. Ја искажува таа среќа, таа радост, танцувајќи, а сигурно и пеел како целиот народ – рече папа Фрањо и забележа дека и нам ни се случува да ја почуствуваме таа радост кога сме со Господ, можеби во парохијата или на село, луѓето слават.
Презирање на спонтана радост
Текстот од пророкот Самуил продолжува опишувајќи го враќањето на Давид дома, каде ја пронаѓа својата жена Мелхола, Сауловата ќерка, но таа го пречекува со презир. Гледајќи го царот како игра се засрамила и го прекорила велејќи му: „Колку се прослави денес царот Израилев, разголувајќи се пред очите на слугинките од слугите свои, како што се разголува прост човек!“ Тоа е презир на вистинска религиозност, на спонтаната радост со Господ – забележа Папата и додаде: Давид ѝ објаснува: Гледај, причината е радоста. Радост во Господа, зашто го донесовме дома Ковечкот на сојузот!
Меѓутоа, таа го презре. И Библијата вели дека таа госпоѓа – се викала Мелхола – поради тоа немала деца. Господ ја казнил. Кога кај христијанинот недостасува радост, тој христијанин не е плодоносен; кога нема радост во нашите срца, нема плодност – напомена Папата.
Потребни се радосни евангелизатори
Веселбата не се изразува само духовно – притоа забележа папа Фрањо – туку станува соучество со другите. Тој ден, Давид, после благословот, раздаде „на секого по еден леб, по парче печено месо и по еден колач од суво грозје“, за да сите слават во сопствениот дом. Словото Божјо не се срами од веселба – истакна Папата и додаде: Вистина е, понекогаш опасно е од радост да се отиде предалеку и да се верува дека сѐ е во тоа. Не, тоа е само радосно расположение.
Потсетувајќи дека свети Павле VI во својата апостолска енциклика „Evangelli Nuntiandi“ говори за тоа и поттикнува на радост, папа Фрањо истакна дека Црквата нема да може да оди напред, евангелието нема да се шири со досадни, лути евангелизатори. Ќе оди напред само со радосни евангелизатори, полни со живот. Важна е радоста поради примање на Словото Божјо, радоста поради тоа што сме христијани, радоста да одиме напред, способноста за веселба, не срамејќи се и не постанувајќи како онаа госпоѓа Мелхола, формални христијани, затoченици на формалноста – истакна на крајот папа Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк