Само љубовта поседува моќ да го привлече и менува човечкото срце

Само љубовта поседува моќ да го привлече и менува човечкото срце

Папата Фрањо на Генералната аудиенција на 27 октомври зборуваше за плодовите на Светиот Дух.

Свети Паве ги потсетува Галатјаните, но и нас, дека центарот на спасението и верата е Господовата смрт и воскресение – рече Светиот Отец на Генералната аудиенција. Има многу луѓе кои и денес бараат верска сигурност, а не живиот и вистински Бог – предупреди Папата. Се фокусираат на ритуали и прописи, наместо да ја прегрнат Божјата љубов со целото свое битие.

Свети Павле бара од Галатјаните да се вратат на она што е важно – Бог кој ни дава живот во Христа распнатиот. Папата Фрањо, исто така, поттикна и ние да застанеме пред распнатиот Христос кога чувствуваме дека ја губиме нишката во нашиот духовен живот и ја истакна можноста за евхаристиско обожавање.

Тој чин нѐ носи чекор понатаму, продолжи Светиот Отец. Кога ќе го сретнеме распнатиот Христос, нашето срце се менува. Духот што извира од Исусовата Пасха е изворот на духовниот живот. Тој го менува срцето, а не делата. Тој е Оној кој го менува срцето, а не работите што ги правиме. Дејствувањето на Светиот Дух во нас го менува нашето срце, рече Папата. Тој ја води Црквата и ние сме повикани да бидеме послушни на Неговото дејствување каде и како Тој и да дува. Ова нè наведува да сфатиме дека евангелието е за сите, а не само за привилегираните. Така со живот во заедништво со Дух се станува обновен, рече Папата. Во Духот црпиме сила за да ја продолжиме духовната борба.

Свети Павле понатаму пишува за дихотомијата меѓу „делата на телото“ и „плодовите на Духот“, објасни Папата. Делата на телото, објасни тој, се однесувања спротивни на Божјиот Дух. Свети Павле нема намера да каже дека телото само по себе е зло, туку го користи тој израз како би зборувал за состојбата на свртеност кон себе, затворајќи ја вратата за Духот. Работите од светот стареат и се минливи, додека Духот е Оној кој оживува.

Христијаните се повикани да ги живеат своите крштелни ветувања, кои водат до плодовите на Духот: љубов, радост, мир, дарежливост, услужливост, добрина, верност, благост, воздржаност. Светиот Отец повика да размислиме за зборовите на Павле и да размислиме за сопственото однесување, да видиме дали ги донесуваме тие плодови.

Учењето на апостолот е голем предизвик и за нашите заедници, рече Папата. Како што рече, убавината на верата во Исус Христос не може да се разбере врз основа на толку многу заповеди или слоевити морални погледи кои можат да нè натераат да заборавиме на првобитната плодност на љубовта што се храни со молитва и од која извира мир и радосно сведоштво. Бирократијата може да го задуши животот на Духот, кој се изразува преку Светите Тајни, предупреди Папата, може да го спречи пристапот до благодатта на Духот, иницијаторот за преобраќањето на срцето. Имаме голема одговорност да го навестиме распнатиот и воскреснат Христос, оживеан од здивот на Духот на љубовта. Затоа што само оваа Љубов има моќ да го привлече и промени човечкото срце, заклучи папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот