Во црквата „Свети Пророк Илија“ во Радово неделната света литургија на 16 септември 2018 се служеше за почеток на учебната 2018-2019 година, односно за сите ученици, студенти, образовни работници и родители од парохијата.
Литургијата во сослужение на отец Трајче Ташев ја предводеше отец д-р Зоран И. Стојанов.
Отец Зоран во својата проповед упати повик: Драги ученици – имајте во себе амбициозност и трудољубивост. Сакајќи се себеси и ближниот, така секогаш ќе напредувате во животот. Помагајте си едни на други, додека му го покажуваш на својот другар, другарка, она што не му е јасно ти самиот се усовршуваш.
Драги родители – сакајте ги своите деца. Барајте од нив да бидат активни, секогаш трудејќи се да си ги извршуваат своите задачи. Почитувајќи го правото дека и другите родители имат право да го сакаат нивното дете ќе разбереме дека и моето дете е како другите со свои предности и недостатоци.
Драги вероучители и учители, наставници и професори – дајте им го максималното знаење на вашите ученици, барајте толку колку што сте кадарни да им дадете. Во овој апел на посебен начин ги повикувам водечките структури на образовните институции каде што учат децата од Радово, да им овозможат на нашите деца фер борба и учество во што повеќе локални, регионални, државни, а зошто да не и меѓународни натпревари.
Зашто Бог со своето присуство го подржува секогаш напорот да бидеме подобри христијани, односно личности, а вистиското знаење на човекот го прави повеќе човек.
Кој повеќе ги развива своите таленти, тој повеќе се ослободува од злото и злобноста, а со тоа станува сѐ побогат и подобар.
Светата литургија заврши со заедничка молитва и благослов за сите ученици, студенти, родители, вероучители, наставници и професори, кои сите заедно уште еднаш се приклучија на Манифестацијата „Секое дете заслужува да биде ученик“.
к.мк/Филип Стојанов