Примањето на Телото и Крвта Христови нè прави жива Евхаристија

Примањето на Телото и Крвта Христови нè прави жива Евхаристија

Примањето на Телото и Крвта Христови со вера нè прави жива Евхаристија – истакна папата Фрањо за време на Генералната аудиенција која се одржа на плоштадот Свети Петар, на 21 март 2018 година, продолжувајќи со серијата катехези за евхаристијата.

Светиот Отец потсети на Исусовите зборови од Евангелието според Иван: „Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден. Зашто Моето тело е вистинска храна, и Мојата крв – вистинско питие. Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него“ (Ив 6, 54-56). Во тој контекст рече дека Исусовото дарување на самиот себе на Последната вечера продолжува на светата Литургија. Тоа спасително дело продолжува и денес по пат на службата на свештеникот и ѓаконот – рече Папата.

По прекршувањето на посветениот леб, односно на телото Христово, свештеникот Го покажува на верниците, повикувајќи ги да учествуваат на евхаристиската гозба и притоа говори: „Еве Го Јагнето Божјо, еве Го Оној Кој ги зема гревовите на светот. Бллажени се оние кои се повикани на гозбата на Јагнето.“ Папата Фрањо потсети дека тој повик нè поттикнува да го доживееме блиското заедништво со Христос, изворот на радоста и светоста. Истовремено станува збор за повик кој нè води до испит на совеста во светлината на верата. Светиот Отец рече дека признавањето на сопствените гревови ни помага да го прифатиме „лекот“ Крвта Христова која според зборовите на свети Амврозиј уште повеќе нè соединува со Него.

Папата потоа размислуваше за моментот кога верниците ја примат Причеста. Напомена дека нашиот одговор „Амин“ на зборовите на свештеникот „Тело Христово“, ја означува нашата отвореност за преобразувачката моќ на Божјите благодати. Додека се движиме во процесија за да се причестиме, во реалноста Христос е Тој Кој ни доаѓа во пресрет за да нѐ сообрази со себе – истакна папата Фрањо и продолжи: Да примиме Причест значи да дозволиме да нè преобрази во тоа што сме го примиле. А тоа подобро да го разбереме, Светиот Отец ги предложи зборовите на свети Августин кој го слушнал Господовиот глас од висините: „Јас сум храната на големите: расти па ќе ме јадеш. И нема ти мене да ме претвораш во себе како храна за своето тело, туку ти ќе се промениш од Мене.“ (Исповеди VII, 10, 16)

Окрепени со лебот на животот стануваме жива Евхаристија, односно стануваме она што сме го примиле – нагласи Папата. Напомена потоа дека во своите срца по Причеста се молиме во своето срце да внимаваме на дарот кој сме го примиле. Конечно папата Фрањо потсети дека евхаристиската литургија завршува со Молитвата после Причастието во која свештеникот Му се заблагодарува на Бог што нè направи учесници на таа света гозба. Да пристапуваме на Евхаристијата: да Го примаме Исус кој нè преобразува во Себе, Кој нè зацврстува. Колку е добар и велик Господ! – заврши Светиот Отец.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот