Пред шест години бараше евтаназија, но Бог има други планови со него

Полјакот Јануш Свитај пред шест години бил „некој вид“ на херој во либералните кругови кои во неговата држава се залагале за легализација на евтаназијата. Како 18 годишник, во 1993 доживеал несреќа со мотор после која останал парализиран, а за да може да дише бил приклучен на респиратор. Во 2007 година поднел барање пред судот во Полска за да му се дозволи да биде евтанизиран и така започнала жестока расправа во јавноста за „правото на достоинствена смрт“. Барањето му е одбиено, иако поединечни анкети во медиумите покажувале дека повеќето полјаци сметаат дека треба да му се дозволи евтаназија.

Поттикната од сите статии за него, во контакт со Јануш стапила Ана Димна, актерка од Полска која ја води фондацијата „И покрај сѐ“ која се занимава со помагање на луѓе со инвалидитет. Таа средба на Свитај му го променила животот. Димна му помогнала да купи количка со која конечно би можел да се извлече од креветот и да се движи. Исто така, му понудила работа во својата фондација и Свитај ја прифатил, ангажирајќи се да и помага на инвалидите. Одлучил да положи матура за која не размислувал воопшто за тоа сите тие години заради недостаток на волја за учење. Потоа одлучил да се запише и на факултет. Оваа година започна со школување на Шлезискиот универзитет во Катовица. Ќе студира психологија, бидејќи сака да се стекне со дополнително знаење кое ќе му помогне во рабатотата во фондацијата.

– Јас сум пример за тоа како човекот треба да си поставува цели во животот и да се обидува да ги исполнува – рече Свитај.

Во студирањето ќе му помогне неговата пријателка и асистентка Јадвига која ќе биде со него на предавањата и ќе му помага во учењето. Ана Димна, која е заслужна за враќањето на волјата за живот во срцето на Јануш Свитај, целата приказна ја објасни едноставно.

– Понекогаш кога човекот е скршен и се чувствува непотребен, доволно му е само да му се насмевнеш. Некогаш е потребно да го поттикнеш, а понекогаш едноставно да го замолиш да направи нешто – рече таа. Нејзината психологија очигледно делува, бидејќи Свитај кој од човек кој сакаше да го заспијат денес стана човек кој знае да ужива во тоа што му го дарува животот, без разлика на сите ограничувања.

– Кога наутро ќе се разбудам и кога е сончев и убав денот, тоа е за мене веќе причина да бидам радосен – рече полјакот во разговор за еден медиум. Можеби некои сакале да му помогнат на Свитај за „достоинствено да замине од овој свет“, но Бог очигледно имал други планови за него.

Д.И.

Категорија: Сведоштва

За авторот