Жена на умирање имала видение на Исус откако еден човек се помолил „Радувај се, Маријо“: „Ми го спаси животот“

Жена на умирање имала видение на Исус откако еден човек се помолил „Радувај се, Маријо“: „Ми го спаси животот“

„Исус ми рече: ‘Требаше да умреш, но поради молитвата на овој човек, ќе живееш.’“

И една молитва „Радувај се, Маријо“ може да спаси живот.

Отец Џо Фриди од Епархијата Питсбург, Пенсилванија, се појави во серијалот „The Rosary Series: Mysteries of the Rosary“, каде што раскажа чудесно сведоштво на Џон Петрович од Грин Три, Пенсилванија, за силата на една единствена молитва „Радувај се, Маријо“.

Петрович му раскажал на свештеникот дека додека трчал низ населба во која обично не трча, видел амбулантно возило пред една куќа.

Си помислил: „Не сум лекар. Не знам ни чиј е овој двор.“

„Само продолжив да трчам“, му рекол на отец Фриди. „Се помолив една ‘Радувај се, Маријо’. Не размислував многу за тоа.“

Следната недела, Петрович повторно трчал низ истата населба и слушнал како една жена го довикува. Продолжил да трча, но таа конечно успеала да му го привлече вниманието.

Му рекла: „Ти ми го спаси животот.“

Петрович ѝ одговорил: „Ние не се познаваме… Како јас ви го спасив животот?“

Жената му рекла: „Не, го препознавам твоето лице. Минатата недела ме однесоа во болница со амбулантно возило и умирав. Знаев дека умирам, и тогаш ми се јави Исус. Ја подаде Својата рака, а твоето лице беше на Неговата дланка. Исус ми рече: ‘Требаше да умреш, но поради молитвата на овој човек, ќе живееш.’“

По ова сведоштво, Петрович го опишал искуството како „силен потрес“ за неговиот молитвен живот.

„Тоа беше голем потрес не само за мојот молитвен живот, туку и за молитвениот живот на моето семејство“, вели тој.

„Се промени нашиот поглед кон самата молитва, особено кон застапничката молитва. Кога некој ќе ве замоли да се молите за него, или кога самите ќе се понудите да се молите за некого, никогаш не знаете, никогаш не очекувате како тоа ќе се исполни, бидејќи на крајот секогаш е Божјата волја“, додава тој.

„Но во ваков случај, кога нешто е толку драматично и длабоко, кога некој ќе ви пријде и ќе ви каже нешто такво, тоа беше повеќе од доволно за да ме потресе и уште повеќе да ме приближи до молитвата кон Пресвета Богородица.“

„Зашто, како што сите знаеме, таа е непосредна застапничка кај својот Син, Исус Христос, одговарајќи на молитвите за сите луѓе.“

По објавувањето на видеото, реакциите биле многубројни. Видеото добило околу 190 коментари, 4.400 допаѓања и 260.000 прегледи.

Многу корисници ги споделиле своите впечатоци во коментарите, меѓу кои и лични сведоштва за силата на Богородица и Бројаницата во нивниот живот.

„Откако го изгледав ова видео, постојано се молам ‘Радувај се, Маријо’. Ако видам бездомник, молам една молитва за него. Ако нешто ме вознемири, молам ‘Радувај се, Маријо’ за тоа. Тоа ми го промени животот на подобро. Ви благодарам што го објавивте ова видео. Бог да ве благослови“, напишала една корисничка на Јутјуб.

„Навистина неверојатно. Имам само 20 години и не сум израснат во религиозно семејство. Но пред неколку години станав католик, и повторно и повторно ми станува јасно колку е важно да се има побожност кон Богородцица“, напишал друг корисник.

„Ова ме расплака“, напишал уште еден коментатор. „Ви благодарам што го споделивте ова. Моите деца и јас секогаш молиме ‘Радувај се, Маријо’ кога ќе слушнеме сирена, бидејќи знаеме дека некаде е потребна помош. Колку е важно да се слушне како Бог ги користи тие молитви.“

Низ вековите, луѓе од целиот свет продолжуваат да сведочат за чуда по застапништвото на Пресвета Богородица.

Богородица бара од нас секојдневно да молиме Бројаницата.

На 13 јули 1917 година, Богородица од Фатима им рекла на трите пастири:

„Молете ја Бројаницата секој ден во чест на Богородица од Бројаницата, за да се има мир во светот… зашто само таа може да го измоли.“

Дури и ако ви е тешко да молите цела Бројаница, нека ви биде утеха тоа што голема сила има и во една единствена молитва „Радувај се, Маријо“.

ChPop/к.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот