На крајот од Генералната аудиенција, во среда 22 март 2023 година, папата Фрањо го спомна чинот на посветување на Безгрешното Срце на Марија, одржан на 25 март минатата година и ги поттикна верниците и молитвените заедници секоја година на тој ден да го обновуваат тој свечен чин и да не ја заборават напатената Украина која толку страда. Поздравувајќи ги верниците од Полска, упати апел за животот повторно истакнувајќи дека секој живот е свет и неповредлив.
Светиот Отец на крајот од Генералната аудиенција се присети дека пред една година, на 25 март, седејќи пред статуата на Дева Марија, во заедништво со илјадниците верници присутни во базиликата и на плоштадот Свети Петар, и во заедништво со парохиите во целиот свет, ги посвети на Безгрешното Срце на Марија, Русија и Украина, молејќи ја Пресвета Богородица да ја отстрани омразата и да ја смири секоја желба за освета. Спомнувајќи го тој моќен момент на молитва, одржан во рамките на иницијативата „24 часа за Господ“, Папата замоли тој да продолжи, не губејќи надеж дека и покрај заострувањето на конфликтот, желбата за мир ќе се оствари.
Во сабота го славиме празникот Благовештение; затоа мислите се враќаат на 25 март минатата година кога Црквата и човештвото, посебно Русија и Украина се посветија на Безгрешното Срце на Марија – рече Папата и поттикна:
Да не се умориме да ѝ го доверуваме мирот на Царицата на мирот.
Апел за Украина
Папата се обрати до секој верник и заедница, а посебно до молитвените групи, и ги поттикна на секој 25 март да го обновуваат чинот на посветување на Пресвета Богородица.
Таа е Мајка и нека нѐ чува во единството на мирот. И да не заборавиме овие денови на напатената Украина која толку страда.
Заштита на човечкиот живот
Своите мисли Папата ги упати кон Марија, и во поздравот до верниците од Полска, споменувајќи го празникот Благовештение Господово, 25 март. На тој ден во Полска – потсети Светиот Отец – во вашата татковина е и Денот на светоста на животот. Во знак на неопходната заштита на човечкиот живот од зачнувањето до природната смрт, фондацијата „Да на животот“ на Замбија и го доделува ѕвоното „Гласот на нероденото“ кое Светиот Отец го благослови денеска.
Нека неговиот звук ја носи пораката дека секој живот е свет и неповредлив – рече папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк