Прва Причест во парохијата Свети Иван Крстител– Струмица
Првата причест во парохијата Свети Иван Крстител– Струмица е прославен со света Архиерејска Литургија, која ја предводеше Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија. Во процесија владиката Стојанов заедно со свештениците, децата првопричесници со нивните родители, како и министрантите свечено влегоа во Црквата, а за тоа време се пееше песната „Христос застана на брегот“ во изведба на младите од парохијата.
За време на проповедта Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов обраќајки им се на првопричесниците истакна дека Првото свето Причастие е ден на радост и очекување: Кога Исус под видот на леб и вино за прв пат доаѓа во чисти, невини детски души.
Понатаму епископот Стојанов нагласи: „Овој ден, драги деца, на вашето Прво свето Причастие е ден на радоста и за вашите родители. Кој татко и мајка нема да се радува на среќата на своето дете, кога го прима Исус и станува едно со Исус!. Овој ден, драги родители, воедно за вас е и награда за сета ваша грижа околу вашето дете, за сиот ваш труд и подготовка околу своето дете.“
Пред самата света Причест парохот о. Гоце Костов ги повика децата да ги обноват своите Крштелни завети. Потоа собрани во молитва децата го дочекаа свечениот момент кога пристапија на нивната Прва света Причест, примајќи го Исус Христос во себе.
На крајот од светата Литургија децата преку рецитал и кратка анимација ги повикаа родители и понатаму во животот да им даваат пример за верата и животот со Христос. Децата добија Спомен од првата причест и направија заедничка фотографија.
Свеченоста продолжи со заедничко агапе во парохиската сала организирано од родителите на децата првопричесници, а со учество на целата парохиска заедница.
К.мк/го*ко