Почина сестра Нирмала Џоши, наследничка на Блажена Мајка Тереза

На 81 годишна возраст во Калкута почина сестра Нирмала Џоши, првата генерална настојателка на Мисионерките на милосрдието по смртта на Мајка Тереза.

Сестра Нирмала подолго време имаше срцеви проблеми, а во последните денови добила бубрежна инсуфициенција, но иако лекарите ја советувале да пристапи во болница за дијализа, таа сакала да остане со своите сосестри.

Сестра Нирмала е родена во 1934 во Ранчи, моментална престолнина на индиската држава Џарканд. Нејзините родители се по потекло од Непал, а нејзиниот татко бил офицер во англиската армија до независноста на Индија во 1947 година. Иако нејзините родители се хиндуисти, Нирмала е воспитана од христијанските мисионери во Патна, главниот град на сојузната држава Бахир. Завршува политички науки и работи како адвокат. Во тој период се запознава со дејноста на Мајка Тереза и избира да ја следи во нејзината мисија. Ја прифаќа Католичката вера и се приклучува на Мисионерките на милосрдието.

Таа е првата сестра од Конгрегацијата, која ја води странската мисија на сестрите во Панама. Во 1976 година, сестра Нирмала дава почетокот на контемплативната гранка на Мисионерките на милосрдието, на која е генерална настојателка сѐ до нејзиниот избор за наследничка на Мајка Тереза во 1997 година, шест месеци по нејзината смрт. На 26 јануари 2009, индиската влада ја удостојува со второто најважно одликување на нацијата, Padma Vibhushan за заслуги кон државата.

Погребот ќе се одржи на 24 јуни во седиштето на Конгрегацијата, а до тогаш посмртните останки на сестра Нирмала ќе бидат изложени во црквата „Свети Иван“, од каде потоа ќе бидат преместени во куќата на Мисионерките на милосрдието во Тенгра, населба во Калкута.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Свет

За авторот