Кога ќе ја тргнеме маската од лицето која сме ја носеле, уште колку ќе останат на нас?

Некои луѓе како само за карневалските денови да доаѓаат на своето. Се прашувам зошто многу луѓе толку ги сакаат тие денови. Обично се стават маски на лицето и се обидува да се прикрие сопствениот идентитет. А во таквото прикривање човекот како самиот на себе да си дозволува некое однесување кое инаку не го прифаќа во нормалните околности. А тогаш очекува така и другите да го прифатат. Како под маските да не сме повеќе истите луѓе…

Кои сме навистина?

Кои сме ние во вистината на своето битие? Тие маски што привремено ги ставаме на себе мора да ги тргнеме. Дали тогаш ќе се открие нашето вистинско лице? Немаме ли понекогаш впечаток дека кон надвор сме секогаш под некоја маска? Немаме ли впечаток дека и кон себе во некоја смисла исто така сме под маска? За себе редовно подобро мислиме отколку како што е; па не сме во вистината. Сакаме и пред другите да се покажеме подобри отколку што сме. Постои во нас некое искушение секогаш да откриваме некое свое друго лице, поинакво од она што во длабочината сме. Како постојано да сме под некоја маска. Ја чувствуваме таа состојба посебно во некои среќни моменти кога ќе откриеме дека смееме да бидеме она што сме и во ништо не мораме да се двоумиме и спречуваме. Тоа се моменти на внатрешна слобода. Меѓутоа, колку се ретки тие моменти! Дури и кога како верници се исповедуваме, се обидуваме да ја сокриеме сопствената беда. Набројувајќи ги своите гревови редовно додаваме дека вината е некаде на друго место, на некој друг, а не во нас. Немаме храброст пред себе или пред свештеникот да го прифатиме своето вистинско лице, својата вистина.

Време за откривање на целосната вистина

Кога ќе ги тргнеме од лицето оние маски кои во текот на карневалските денови сме ги ставиле на себе, колку уште маски ќе останат на нас? Кога еднаш ќе дојде време на себе и на другите да им се откриеме во целосната вистина? Исус ни зборува дека тоа ќе биде време на конечната, втората средба со Него, кога нашиот поглед ќе биде подлабок и кога и другите со својот поглед ќе продрат во тајната на битието и совеста. Ќе биде тоа време кое се претвора во вечност. Тогаш нема да треба од ништо да се плашиме. Во целосната вистина ќе сфаќаме дека сме слободни и дека сме апсолутно прифатени. Меѓутоа, Исус би сакал тоа искуство веќе уште сега да го носиме во себе. Среќни сме ако се појасно и подлабоко навлегуваме во вистината на сопственото битие и ако со таа вистина пристапуваме на луѓето околу себе. Тогаш нема да се посрамиме пред луѓето; ниту Синот Човечки ќе се срами од нас пред Отецот на небесата. Храброста за вистината ќе ни го даде она искуство кое Исус го кажал со зборовите: „Вистината ќе ве ослободи.“

Фра Звездан Линич

Текстот е преземен од книгата Радосно во новиот ден/Битно.нет/к.мк/ Д.И.

За авторот