Почесниот папа Бенедикт XVI слави 88 роденден
На утринската Литургија папата Фрањо на својот претходник почесниот Папа Бенедикт му го честита 88 роденден! Оваа света Миса ја служам за него и ве повикувам за него да молите, за да го пази Господ и да му подари многу радост и среќа“, рече папата Фрањо.
Почесниот Папа Бенедикт XVI на 16 април го слави својот 88 роденден. Пред десет години, само два дена пред неговиот 78 роденден, започнаа конклавите, на кои тогашниот кардинал Рацингер е избран за Папа.
За време на неговиот понтификат прослави седум родендени, секогаш работно, а за два беа подготвени класични концерти и еден со баварски народни ора.
Јозеф Рацингер е роден на 16 април 1927 година како најмлад од трите деца во семејство со скромен имот, но со длабока вера. За свештеник е ракоположен 1951 година, заедно со својот брат Георг.
Докторира теологија во 1953 година, а четири години покасно станува универзитетски професор. Бил редовен професор по Догматика и Фундаментална теологија. Има предавано на четири универзитета и како професор бил сакан, а неговите предавања секогаш биле многу добро посетувани. Папата Павле VI го именува за кардинал на 27 јуни 1977 година, а четири години покасно, 1981 година папата Иван Павле II го постави за префект на Конгрегацијата за наука на верата.
Како префект на Конгрегацијата Рацингер ја преиспитуваше, бранеше и потврдуваше науката на Католичката црква и тоа по многу актуелни прашања. Често проповедаше за пријателството со Исус, поттикнуваше нова евангелизација, го осудуваше моралниот релативизам и конзумеризам.
Тој е еден од најблиските соработници на својот претходник папата Иван Павле II, а за поглавар на Католичката црква е избран на 19 април 2005 година, додека на 11 февруари го објави своето повлекување од папската служба, кое стапи на 28 февруари 2013 и на тој начин стана почесен Папа. Тој е осми германец кој е избран за Папа.
Лаудато/го*ко