Папата: Евангелието е јасно; сиромашните треба да се сакаат и да им се служи без компромиси

Папата: Евангелието е јасно; сиромашните треба да се сакаат и да им се служи без компромиси

На 2 ноември, кога се сеќаваме и молиме за сите починати, во базиликата Свети Петар, како и секоја година, Папата служеше света Литургија за кардиналите и бискупите кои починаа во последната година. Ако во животот сме милосрдни кон отфрлените, средбата со Бога за нас ќе биде славење.

Исчекување и изненадување – ова се зборовите што ги истакна папата Фрањо коментирајќи ги читањата за светата Литургија. Живееме во исчекување на средбата со Бога – рече Папата – надевајќи се дека тој ден ќе почувствуваме“ како ни ги греат срцата зборовите на Исус „Дојдете, благословени од мојот Отец.“

Да не го изгубиме од вид она што е навистина важно

Ние сме во чекалната на светот за да влеземе во рајот – забележа римскиот бискуп и додаде – исчекување кое е потребно да се негува со вежбање на копнежот за небото.

Добро е денес да се запрашаме дали нашите копнежи имаат некаква врска со небото. Затоа што ризикуваме постојано да се стремиме кон работи кои поминуваат, да ги мешаме желбите со потребите, да ги ставиме очекувањата на светот пред очекувањата на Бога. Но, да се изгуби од вид она што е важно за да се оди по ветрот би била најголемата грешка во животот. Да погледнеме нагоре, бидејќи сме на пат кон висините, додека работите од тука нема да одат горе: најдобрите кариери, најголемите успеси, најпрестижните титули и награди, акумулираното богатство и земните придобивки, сето тоа ќе исчезне за миг – истакна Папата.

И покрај тоа, колку време и колку енергија трошиме грижејќи се за овие работи – истакна тој – дозволуваме да ослаби стремежот за небсниот дом и да ја изгубиме од вид целта на патувањето. Затоа, Светиот Отец ги поттикна сите да се запрашаме за нашата вера во зборовите што ги кажуваме во Символот на верата – воскресението на мртвите и живот во идниот век – и дали суштинските се важни во нашите животи или си дозволуваме да бидеме потресени од излишни работи.

Изненадување пред Господа

Вториот збор, „изненадување“, доаѓа од Евангелието според Матеј, 25 поглавје; изненадување кое е слично на она што го изразуваат ликовите во пасусот, кои го прашуваат Господа „кога“ му помогнале во бројните облици на материјално и духовно милосрдие искусени во животот. Кога? Вака се изразува изненадувањето, чудење на праведните и запрепастувањето на неправедните – истакна Папата.

Кога? Би можеле да го кажеме и тоа: би очекувале дека судот за животот и за светот ќе дојде во знак на правда, пред одлучувачкиот суд, кој, откако ќе го разгледа секој елемент, засекогаш ги разјаснува ситуациите и намерите. Меѓутоа, во божествениот суд единствена заслуга е милосрдието кон сиромашните и отфрлените. „Што и да сте направиле за еден од овие мои најмали браќа, сте го направиле за мене“, вели Исус. Изгледа дека Севишниот се наоѓа во најмалите, Оној кој живее на небесата живее меѓу оние кои се најневажни за светот. Какво изненадување!

Веќе знаеме каков ќе биде Божјото мерило

Сепак, судот ќе биде таков, бидејќи ќе го изрече Исус, Богот со понизна љубов – истакна Папата. Значи, знаеме што треба да направиме за да се подготвиме за тој момент, имено да сакаме бесплатно и без возврат, давајќи им на оние кои не можат да возвратат. Да не дозволиме да бидеме изненадени. Да внимаваме да не го засладиме вкусот на евангелието – предупреди Папата и објасни:

Затоа што често, заради корист или комотност, имаме тенденција да ја ублажиме пораката на Исус, да ги разводнуваме неговите зборови. Да си признаеме, станавме многу добри во компромисите со евангелието. Да се хранат гладните да, но прашањето за гладта е сложено, сигурно не можам да го решам! Помогнете им на сиромашните, но неправдите треба да се решат на одреден начин, па затоа подобро е да се почека (…) Да се биде близок со болните и затворениците, но има и други поитни проблеми на насловните страници на весниците и на социјалните мрежи, зошто јас да се занимавам со тоа? Навистина треба да се прифатат мигрантите, но тоа е општо, многу сложено прашање, се однесува на политиката. (…) Сѐ „да“, но на крајот, сѐ „не“. (…) Честопати сме мажи и жени од „но“, меѓутоа, опстојувајќи во тоа, од животот правиме компромис со евангелието.

Мајстори на замрсеноста

Од едноставни ученици на Учителот стануваме мајстори на замрсеноста кои одлучуваат многу, а прават малку, кои не познаваат ниту еден сиромав по име, кои никого не посетуваат, не облекуваат и не нахрануваат – децидно рече Папата. Има само еден можен одговор на прашањето што праведните и неправедните му го упатија на Господ: „Кога?“.

Има само еден одговор: тоа „кога“ е сега, денес, откако ќе си заминеме од оваа Евхаристија. Тој е во наши раце, во нашите дела на милосрдие; не во појаснувања и рафинирани анализи, не во индивидуални или општествени оправдувања. Тој е во наши раце и ние сме одговорни. Денес, Господ нè потсетува дека смртта доаѓа да ја открие вистината за животот и ги отстранува сите изговори за не направеното милосрдие.

Не можеме да кажеме дека не знаеме; Евангелието ни кажува дека исчекувањето на средбата со Бога треба да се живее со љубов и дека последното изненадување ќе ни биде радосно ако сега дозволиме да бидеме изненадени од присуството на Бог кој не чека меѓу сиромашните и ранетите на светот – истакна на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот