Поучна приказна од животот на свети Антониј Пустиник

Поучна приказна од животот на свети Антониј Пустиник

Свети Антониј пустиник дознал дека во Александрија живее некој чевлар кој бил посвет од него. Сакајќи да се усоврши подбро во христијанскиот живот, одлучил да го побара и да го праша за тајната на неговиот успех во светоста.

Го прашал:

„Што правиш за да бидеш толку голем на Божјиот пат?“

Му одговорил:

„Јас сум едно големо ништо на Божјиот пат: јас сум само чевлар.“

„Што уште правиш, како ги поминуваш своите денови?“

„Ги делам на три делови: осум часа работам, осум се молам и осум спијам.“

Верувал дека деновите му се поголеми со добри дела, па го праша:

„Вш што се состои тајната на твојата светост? Да не е во сиромаштвото?“ Чевларот одговорил:

„И парите кои ги заработувам ги делам на три делови: еден дел го давам на посиромашните од мене, другиот на Црквата, а третиот останува за мене.“

Светецот сѐ што имал го раздал за да може подобро да го следи Христос, па повторно го прашал:

„Друго што правиш за Господ Бог?… Во својата внатрешност како го доживуваш Бога во овој грешен град?“

Во својата едноставност чевларот одговорил:

„Ти признавам дека многу лошо ми е во овој град, особено ноќе кога спијам, па мислам колку грешници има околу мене. Честопати знам да заплачам.“

Тогаш и најмногу се молам: ‘Господи, слушни ме! Овие грешници околу мене се мои браќа. Не казнувај ги. Казни ме мене место нив. Испрати ме мене во пеколот, но спаси ги моите браќа!’“

Тогаш светецот разбрал дека тајната на вистинската светост е таа која нѐ прави слични на Небесниот Отец, кој дозволува сонцето да грее над праведните и неправедните. Им праќа дожд на добрите и на лошите и го праќа својот Син на светот да ги спаси грешниците.

Битно.нет/З.А.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот