Папа Лав XIV: Му се молам на Бога оружјето во Украина да замолчи и да се отвори патот за дијалог

Папа Лав XIV: Му се молам на Бога оружјето во Украина да замолчи и да се отвори патот за дијалог

Во пораката до претседателот Володимир Зеленски, по повод националниот празник, Папата ја изрази својата близина со украинскиот народ, повикувајќи го Семоќниот да ги утеши сите кои страдаат од последиците на војната, да ги зајакне ранетите и да им дарува вечен покој на починатите. Тој го повика Бога да ги допре срцата на луѓето со добра волја и да се постигне доброто на сите.

На националниот празник на Украина – Денот на независноста, кој се слави денес, 24 август, папата Лав XIV испрати порака до претседателот Володимир Зеленски, уверувајќи го во своите молитви за украинскиот народ кој страда од војната, особено за сите кои се физички ранети, за оние кои претрпеле загуба на блиски и за сите кои се лишени од своите домови.

„Ви се обраќам со срце рането од насилството што ја уништува вашата земја“, напиша Папата, повикувајќи го Бога да ги утеши сите погодени од последиците на конфликтот, да ги зајакне ранетите и да им дарува вечен покој на починатите. Во пораката, Папата исто така се моли на Семоќниот да ги допре срцата на луѓето со добра волја, да го замолчи екотот на оружјето и да отвори пат за дијалог, кој ќе води кон мир за доброто на сите. „Го доверувам вашиот народ на Пресвета Богородица, Царицата на мирот“, заклучува папата Лав XIV.

Пораката на Папата ја објави претседателот Зеленски на својот профил на социјалната мрежа X. „Искрено сум благодарен на Неговата Светост за неговите длабоки зборови, молитви и внимание кон украинскиот народ среде разорната војна“, напиша претседателот, додавајќи дека сите надежи и напори на нацијата се насочени кон постигнување на долгоочекуваниот мир, за да можат да преовладаат добрината, вистината и правдата. Дополнително, тој изрази благодарност за моралното водство и апостолската поддршка на Папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот