Пред неговото патување во Дубаи, папата Фрањо ја поттикнува надежта дека луѓето ќе ги надминат ситните интереси и дека конференцијата COP28, на која тој ќе присуствува, ќе биде пресвртница на полето на енергетската транзиција.
Папата Фрањо од 1 до 3 декември 2023 година ќе учествува на Конференцијата COP28, Рамковна конвенција на Обединетите нации за климатски промени.
Во пресрет на патувањето, Папата објави порака на 27 ноември на платформата X, до неодамна позната како Твитер.
Ако веруваме во способноста на луѓето да ги надминат своите ситни интереси и да размислуваат во голеи размери, не можеме да се откажеме од соништата дека #COP28 ќе доведе до забрзување на енергетската транзиција, напиша Папата и нагласи: Оваа конференција може да биде пресвртница.
COP28
Светските лидери на конференцијата COP28 од 30 ноември до 12 декември ќе разговараат за политиките насочени кон ограничување на порастот на глобалните температури и справување со влијанијата поврзани со климатските промени.
Светиот Отец во петок на 1 декември ќе појде од Рим на патување во Обединетите Арапски Емирати, а таму ќе остане до 3 декември. На учесниците на конференцијата ќе им се обрати на 2 декември.
Покрај учеството на конференцијата COP28, Папата ќе има и приватни билатерални средби.
Во недела, 3 декември, Светиот Отец свечено ќе го инаугурира „Павилјонот на верата“ во Експо Сити. Павилјонот е креиран за да поттикне поконкретна акција и да ја истакне моќта на религиите и верските водачи во борбата против климатските промени.
По патувањето во Абу Даби во 2019 година, ова ќе биде втора посета на папата Фрањо на Обединетите Арапски Емирати.
Ватикан њуз/к.мк