Абортусот е убиство, Црквата не ја менува својата позиција, но секогаш кога бискупите на проблемот не пристапуваат како пастири, тогаш како да заземаат страна на некоја политичка партија. Папата Фрањо зборуваше за ова и за други работи за време на традиционалната прес -конференција во авионот.
Папата Фрањо го заврши своето 34. Апостолско патување. Во средата, 15 септември 2021 година, околу 15.20 часот по локално време, авион на италијанската авиокомпанија Алиталија, со специјален лет од словачката престолнина Братислава до Рим, слета на меѓународниот аеродром Чијампино.
Верен на својот обичај, при враќањето во Ватикан, Светиот Отец ја посети Папска базилика Пресвета Богородица Велика за да се помоли на чудотворната икона на Пресвета Богородица – спасението на римскиот народ да и се заблагодари на небесната мајка што го придружува ѐа време на ова патување. Иако летот беше краток и траеше само 100 минути, Светиот Отец посвети половина час на традиционалната комуникација со новинарите за време на неговото враќање од Апостолското патување.
Единство околу вредностите, а не идеолошка колонизација
Првите прашања ги поставија новинари од земјите што ги посети Папата. „Зошто одлучивте да учествувате на Евхаристискиот конгрес во Будимпешта и како ја гледате иднината на христијанството во Европа? – праша унгарски новинар, цитирајќи го кардиналот Миндсенти, исповедник на верата: „Ако има милион Унгарци што се молат, јас сум мирен за иднината“.
Откако кажа неколку зборови за фактот дека долго размислувал за можноста за оваа посета, и за тоа се разговарало за време на претходните средби со владини претставници, Светиот Отец забележа дека Унгарците се богати со вредности, а посебно бил импресиониран од „екуменската чувствителност” „Општо земено, Европа мора, и јас секогаш велам, да се врати на соништата на нејзините татковци основачи. Европската унија не е унија за да направи нешто, ЕУ се заснова на духот за кој сонуваа Шуман, Аденауер, Де Гаспери“, рече Петровиот наследник, посочувајќи ја опасноста сѐ да се сведе на управно биро, наместо да се трага по корените на Европа и да се продолжи понатаму. „Вистина е дека некои интереси, кои можеби не се европски, се обидуваат да ја искористат Европската унија за идеолошка колонизација, и тоа не е добро“, додаде Светиот Отец.
Сомнежи за вакцинација против коронавирус
Новинар од Словачка побара од Папата да ги сподели своите размислувања за тоа како да се постигне разбирање на темата за вакцинација, која ја нарекува чин на љубов, но околу која постојат поделби меѓу самите верници. Како одговор, Папата рече дека е малку изненаден и потсети дека човештвото има „историја на пријателство со вакцините“, благодарение на нив беше можно да се надминат разни болести. Според него, причина за моменталната напнатост е неизвесноста поврзана со разновидноста на вакцините, гласините за неефикасност, недоволното истражување итн. „Дури и во кардиналскиот колегиум има негативисти, а еден од нив, сиромав, е хоспитализиран со вирусот“, рече тој, не наоѓајќи објаснување. Во Ватикан, сите се вакцинирани, освен мала група, и се прават проучувања за тоа на кој начин да им се помогне.
Заканата од демографска зима
Прашањето на шпанскиот новинар за средбата со унгарскиот премиер Орбан, со оглед на неговиот различен став кон некои прашања, како што е миграцијата, беше можност да ги сподели своите ставови за заканите од „демографска зима“ во Европа.
Светиот Отец истакна дека за време на средбата со властите, каде што беа присутни претседателот, премиерот и вицепремиерот, првата тема за која се разговараше беше екологијата. „Тогаш прашав за средната возраст, бидејќи сум загрижен за демографската зима“, рече тој, истакнувајќи дека претседателот претстави програми за поддршка на млади семејства. За миграцијата, од друга страна, не се разговараше. Во основа, според неговите зборови, претседателот, другите учесници на состанокот разјаснија некои информации.
Абортусот е убиство, Евхаристијата бара пасторален пристап
Прашањето на новинар од Соединетите држави го допре жешкото прашање во оваа земја за дискусијата меѓу бискупите за давање света Причест на политичари кои ги поддржуваат законите за абортус. „Каков совет би им дале на бискупите? И дали вие, како бискуп, моравте јавно да ускратите причест?“ – праша новинарот.
Папата одговори дека никогаш немал такво искуство и не знае дали некој пристапил во таква состојба. Потсетувајќи се на настанот за време на посетата на геријатриски центар, кога една баба крена раката кога прашаа кој сака да се причести и откако ја прими светата Тајна, рече: „Благодарам, јас сум Еврејка“, Светиот Отец даде одговор кој задира во суштина на темата. Тој нагласи дека Евхаристијата не е „награда за совршените, дар“, туку „присуство на Исус во Црквата и во заедницата“. А оние кои „не се во заедништво“, како оваа госпоѓа еврејка, не можат да примат света причест, „но Господ сакаше да ја награди за моето незнаење“.
Вториот аспект на случајот е абортусот, „што е нешто повеќе од проблем, тоа е убиство“. Тој што абортира убива. Доволно е да земеме учебник за ембриологија, каде што ќе видиме дека во третата недела, кога мајката можеби нема да сфати дека носи дете под срцето, сите органи се веќе формирани. И „овој човечки живот мора да се почитува“. „За оние кои не можат да го разберат ова, ќе го поставам следното прашање: Дали е фер да се убие човечки живот за да се реши проблемот? Дали е фер да се ангажира убиец за да убие човечки живот?“ – рече Светиот Отец, објаснувајќи дека тоа е причината зошто Црквата е толку строга кон ова прашање, бидејќи согласноста би била и согласност на секојдневно убиство.
„А сега да се вратиме на човек кој не е во заедницата и не може да се причести. Ова не е казна, бидејќи е надвор од заедницата“, рече Папата, нагласувајќи дека ова не е теолошки проблем, туку пасторален, бидејќи ние бискупите се водиме по овој принцип. Затоа што ако ја погледнеме историјата, ќе видиме дека секој пат кога „бискупите одлучувале за ова прашање не како пастири, тие зазеле политичката страна“. Доволно е да се спомене Вартоломејската ноќ, ловот на вештерки итн. „Што треба да направи свештеникот? Да биде пастир, а не да осудува. Да биде пастир, бидејќи е пастир и за екскомуницираните“, рече Папата, истакнувајќи дека не ги знае деталите за ситуацијата во Соединетите држави, но вистинскиот пастир знае што треба да се направи на терен. Кога ќе ја напушти „пасторалната грижа на Црквата“, тој „станува политичар.
Венчание – само помеѓу маж и жена
Италијански новинар побара од папата Фрањо да ја коментира резолуцијата на Европскиот парламент со која се повикуваат земјите – членки да го признаат хомосексуалниот брак и родителските односи.
„Веќе јасно ставив до знаење: бракот е света Тајна, а Црквата нема власт да ги менува светите Тајни, тие се како што Господ ги одреди“, одговори Светиот Отец, истакнувајќи дека во овој случај тоа се закони што бараат да се реши ситуацијата на многу луѓе со различна сексуална ориентација. И важно е тоа да се случи, „без скицирање работи што по својата природа не се соодветни за Црквата“. Ако хомосексуалната двојка сака да живее заедно, или некои други луѓе сакаат да живеат заедно, државата има можност во граѓанската сфера да им обезбеди одредени гаранции во врска со наследството, здравствената заштита итн., Но „бракот е брак“. „Ова не значи дека треба да се осудуваат тие луѓе, кои се нашите браќа и сестри кои мора да ги придружуваме. Но, со бракот како света Тајна, сѐ е јасно“, рече Папата, додавајќи дека изјавата дека Господ е добар и сака спасение на сите, не значи„ принудување на Црквата да се откаже од своите вистини и дека бракот е можен само помеѓу маж и жена. „Многу хомосексуалци одат на исповед, бараат совет од свештеник и Црквата им помага во животот, но светата Тајна Венчание е сосема друга работа“, рече Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк