„Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето.” Овие зборови на свети Петар се запечатени во срцето на историјата на Црквата. Зборови со голема актуелност и денес, за кои папата Фрањо зборуваше во својата проповед на Литургијата на 27 април 2017 година, во домот Света Марта во Ватикан.
Папата се послужи со литургиското читање за денот земено од Делата на светите Апостоли (5, 27-33), во кое се зборува за средбата на свети Петар со првосвештеникот, кој му напоменува дека е забрането да се поучува во името на Исус. Петар пак, кој на Велики Четврток се откажа од Исус, одговарајќи на нападите од првосвештеникот, овој пат покажува храброст и истакнува дека „христијанинот треба да сведочи за послушноста, како што тоа за пример ни го даде Исус во Елеонската гора, кога се обраќа до Отецот: нека биде Твојата, а не мојата волја”, истакна папата Фрањо.
Сите сме повикани да го наследуваме Исус во послушноста кон Бог – истакна Папата. Исус не е сведок на некоја идеја, филозофија, на некоја фирма, банка или власт: Тој е сведок на послушноста. Затоа ако не зајакнуваме со сведоштво за послушноста не сме христијани”, предупреди Папата.
Папата Фрањо прецизира дека „за да бидеме сведоци на послушноста, треба да се измоли благодатта на Светиот Дух. Во тоа може многу да ни помогнат духовните учители и книгите, но само Светиот Дух може да го промени срцето и може да нѐ направи да бидеме сведоци на послушноста”.
Според папата Фрањо многу е важно да се земат во предвид последиците од сведоштвото кон послушноста: прогонството:
„Кога Исус ги набројува блаженствата завршува со: „Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и прогонат”, потсети папата Фрањо и додаде: „Крстот не може да се отстрани од животот на христијанинот. Животот на христијанинот не е социјален статус, не е начин со кој духовниот живот ќе ме направи да бидам добар, или малку подобар. Тоа не е доволно. Животот на христијанинот е сведоштво во послушноста и животот на христијанинот е полн со клевети, гласини и прогонства “.
Оттука и повикот на Папата на крајот од проповедта да признаме дека сме грешници и да побараме од Бог „благодат за да станеме сведоци во послушноста и да не се плашиме кога ќе дојдат прогонствата и клеветите, бидејќи Господ рече дека кога бидеме изведени пред судот „Духот ќе ни даде што да говориме”.
РВ/к.мк