Без Исус – „Лебот на животот“ – ние не живееме, туку животариме

Без Исус – „Лебот на животот“ – ние не живееме, туку животариме

Во своето обраќање пред молитвата на Ангел Господов во недела 8 август 2021 година на плоштадот Свети Петар, папата Фрањо рече дека Исус, како „Леб на животот“, е неопходен во нашиот секојдневен живот.

Во евангелието од денешната Литургија, Исус продолжува да им се обраќа на оние што биле сведоци на чудото на умножувањето на лебовите. Исус сега го користи симболот на лебот за да се опише себеси – јас сум лебот на животот, објасни Папата.

Што значи „леб на животот“? Лебот ни е потребен за да живееме. Оние кои се гладни не бараат профинета или скапа храна, туку леб, рече тој. Исус се објавува како леб – како неопходност во секојдневниот живот. Без него , наместо да живееме, животариме, бидејќи Тој е единствениот што ја храни нашата душа. Тој е единствениот што може да ни го прости злото што самите не можеме да го избегнеме. Тој е единствениот што ни дава сила да сакаме и да простуваме во тешкотиите, тој е единствениот што му дава на нашето срце мир за кој копнее.Само тој, Исус, е тој кој дава вечен живот кога животот на земјата ќе престане.

Во исказаот „Јас сум лебот на животот“, Исус ги сумира целото негово битие и послание, рече Папата пред присутните. Овие зборови во нас повторно го будат восхитот за дарот на Евхаристијата. Никој на овој свет, без разлика колку и да го љуби другиот, не може да биде за него храна. Бог тоа го направи за нас и го прави и понатаму.

Меѓутоа, приустното мноштво народ не се восхитувало, туку се соблазнило. Можеби и ние се соблазнуваме – можеби би ни било попријатно да имаме Бог што останува на небото и кој не се меша додека ги управуваме работите на земјата, рече Светиот Отец. Но, Бог станува човек за да влезе во конкретната стварност на овој свет. Се интересира за целиот наш живот. Можеме да му кажеме за нашите чувства, работа, ден, за болките и вознемиреностите. Можеме да му кажеме сѐ, затоа што Исус ја сака таа блискост со нас. Она што не го сака е да го превидиме, да го оставиме настрана или да го повикаме само кога ни е потребен, рече папата Фрањо.

Барем еднаш дневно јадеме. Би било убаво, пред да го скршиме лебот, да го повикаме Исус, Лебот на животот, да го благослови она што сме и што не сме успеале да направиме. Да го поканиме во нашите домови, да се молиме со него на „домашен“ начин. Исус ќе биде со нас на трепезата и ќе бидеме нахранети со поголема љубов, заврши Папата во своето обраќање.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот