Објaвено Упатство од Конгрегацијата за клер за парохиите

Објaвено Упатство од Конгрегацијата за клер за парохиите

„Пасторално преобраќање на парохиските заедници во служба на евангелизациското послание на Црквата“ е насловот на Упатството кое го објави Конгрегацијата за клер, а во кое се разработени разни нацрт реформи за парохиите со оглед на недостатокот на звања и обновено ангажирање на лаиците во навестувањето.

Во Црквата има место за сите и сите можат да го пронајдат своето место, со почитување на звањето на секој посебно – таа е смислата на Упатството за парохиите. Документот не содржи законски новости, туку предлага начини за подобра примена на важечките одредби за да се поддржи соодговорноста на сите крстени и да се промовира пасторалот на близина и соработка помеѓу парохиите. Од документот најочигледна произлегува итната потреба за мисионерска обнова, пасторално преобраќање на парохиите за повторно да се пронајде динамизам и креативност кои ќе овозможат секогаш да се „излегува“ со придонес на сите крстени.

Документот има 11 поглавја, а неговата содржина може да се подели на две макро-подрачја: прво, кое ги опфаќа првите шест поглавја, дава опширно размислување за пасторалното преобраќање, за мисионерската смисла и за вредноста на парохиите во современите прилики; додека второто кое ги вклучува останатите пет поглавја се фокусира на поделбата на парохиските заедници, различни улоги и начините на примена на одредбите кои се однесуваат на нив.

Парохијата е „куќа меѓу другите куќи“ – е истакнато во првиот дел од документот – и нејзината мисионерска смисла е важна за евангелизацијата. Глобализацијата и дигиталниот свет ја променија нејзината специфична врска со територијата која не е повеќе само географски простор, туку животен простор. Документот посебно препорачува сведоштво на верата во љубовта и важноста за внимание кон сиромашните.

Во документот меѓу останатото е истакната улогата на парохот кој е пастир на заедницата. Тој е во служба на парохијата, а не обратно и на него е грижата за душите – се потсетува во документот. (…)

Што се однесува на Бога посветените лица и лаиците во парохиските заедници, Конгрегацијата за клер во документот напоменува дека посветените лица се сведоци на радикалното наследување на Христос, додека кај лаиците се истакнува нивното учествување во евангелизациското делување на Црквата, и од нив се бара великодушно ангажирање во сведочење со живот во согласност со Евангелието и во служба на парохиската заедница. (…)

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот