Папата Фрањо: Право на здравствена грижа за телото и духот

Секој болен е единствено телесно-духовно битие и секој медицински пристап треба да води сметка за тој идентитет, не ограничувајќи се само на здравствената помош – рече папата Фрањо на 12 април пред учесниците на конгресот за онколошка хирургија, кои ги прими во аудиенција.

И најдоброто искуство на подрачјето на медицината и хирургијата никогаш нема да биде синоним за совршенство во лекувањето на болниот, ако се ограничи само на терапијата за телото – рече Светиот Отец на присутните стручњаци за онколошка хирургија, кои ги имаше околу 120, толкувајќи дека, кога се зборува за потполно здравје од аспект на верата, не треба да изгубиме од вид дека човечкото битие е создадено на Божја слика и прилика, единствено тело и дух. Тие два фактора можат да се разликуваат, но не и да се одвојат, затоа што личноста е една – додаде папата Фрањо.

Затоа – според зборовите на Папата – потребна е целосна грижа, која личноста ја сфаќа во целина, и со медицинска грижа – би кажал „техничка“ грижа – соединета и човечка, психолошка и општествена поддршка, затоа што лекарот треба да лекува сѐ: човечкото тело, со психолошка, општествена па и духовната димензија; и со духовна придружба и поддршка пружена на семејството на болниот.

Како поддршка на тоа уверување папата Фрањо ги истакна зборовите на блажен Иван Павле II од 1985 година. Тогаш, Папата кој наскоро ќе биде прогласен за свет, во Мото проприум ‘Dolentium hominum’ напомена дека е неопходно потребно здраствените работници да водат потполно хумано гледање на болеста и нивниот пристап на болниот кој трпи да биде потполно хуман. Братската солидарност со болните ни ја отвара вистинската убавина на човечкиот живот која ја опфаќа и неговата кревкост, така да можеме да го препознаеме достоинството и вредноста на секое човечко битие, во било која состојба тоа да се наоѓа и тоа од зачнувањето до смртта – рече Светиот Отец.

Во пресрет на Страсната седмица, мислите на Папата за трпењето појдоа до Голгота и Богочовекот кој го дарува својот живот. Тука човечкото трпење е прифатено до крај и откупено од Бог Кој е љубов – напомена папата Фрањо и додаде – Само Христос дава смисла на соблазната на недолжна болка. Често во срцето се појавува она тешко прашање кое го поставил Достоевски: Зошто децата трпат? Само Христос може да даде смисла на таа „соблазна“ – повтори Светиот Отец и на присутните им напомена дека и тие можат во секојдневното извршување на својата работа секогаш да го гледат Христос, распнат и воскреснат.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот