Интервју на Папата за аргентинската новинска агенција Телам: Во војна не се танцува, туку се убива

Интервју на Папата за аргентинската новинска агенција Телам: Во војна не се танцува, туку се убива

Во интервју за аргентинската новинска агенција Телам, папата Фрањо повторува дека конфликтите произлегуваат од недостатокот на дијалог и изразува разочарување од неспособноста на Обединетите нации да ги спречат. Покрај тоа, тој ја охрабрува својата Латинска Америка да се ослободи од „експлоатативните империјализми“, промовирајќи суверенитет и средби меѓу народите.

Не можеме да се вратиме на лажната сигурност на политичките и економските структури што ги имавме претходно – е една од важните мисли во долгото интервју што папата Фрањо го даде на Бернарда Љоренте, новинарка на главната аргентинска новинска агенција Телам. Папата се осврна на бројни теми, од пандемијата до грижата за заедничкиот дом, од младите луѓе до вклучувањето во политиката, од Cрквата во Латинска Америка до кризата на институциите, од неизбежната тема на војната до билансот на понтификатот. Но, пред сè, зборува за важното прашање за тоа како се соочуваме или не се соочуваме со кризи и потсетува дека ако оваа задача се занемари, се претвораат во конфликт. Конфликтот е нешто затворено, бара решение во себе и се уништува себеси – забележува Папата.

Африка без вакцини – пример за лошо управување со пандемијата

Истакнувајќи дека не му се допаѓа однесувањето во однос на епидемијата со коорнавирусот, а за тоа негово тврдење го даде примерот со африканскиот континент, кој остана без доволно количини вакцини, во што се гледаат други интереси, во светло на фактот дека – како што рече – нешто не функционирало. Да се искористи кризата за сопствена корист значи да се заврши лошо, а пред се сам да се излезе од неа – истакнува Папата.

Војната е недостаток на дијалог

Вонјата е меѓу најдраматичните кризи, на која Папата посветува опширно размислување. Мислата за Украина е многу јасна, но Папата ги споменува и трагедиите во Руанда, Сирија, Либан и Мјанмар. Војната, за жал, значи суровост секој ден. Во војна не се танцува минует, туку се убива – истакнува со жалост Папата, уште еднаш обвинувајќи ги структурите за продажба на оружје кои ја фаворизираат војната.

Покрај тоа, тој се осврнува на концептот на „праведна војна“. Може да има праведна војна; има право на одбрана, но начинот на кој тој термин денес се користи треба да се преиспита – забележува папата Фрањо и повторно предупредува дека е многу важно да можеме да се слушаме еден со друг – дури и едноставно во секојдневниот живот – така што ќе можеме да разговараме и на тој начин да ја елиминираме секоја можност за конфликт. Во таа насока, тој охрабрува посета на воените гробишта во Европа за секој да може да се запраша дали таквата суровост, таквото губење на млади животи, може да се оправда.

ООН нема моќ да се наметне за да ги запре војните

Во светлината на овие согледувања, Папата отворено го изразува своето разочарување од работата на Организацијата на Обединетите нации, која – иако придонесува за избегнување војни (како, на пример, во Кипар) – не успева да ги спречи, нема моќ – вели римскиот епископ и се надева дека ќе примени храброст и креативност во меѓународните институции за да се надминат ситуациите кои ги нарекува „смртоносни“.

Природата „не простува“

Сепак, не треба да се занемари и еколошката криза, за која исто така зборува Папата, нагласувајќи ја погрешната експлоатација на природата која за тоа му „наплаќа“ на човекот. Ја користиш, таа те прегазува. Постојано му удираме шамар на универзумот. Лошо ги користиме нашите сили – истакнува Папата и напоменува дека природата не е одмаздољубива, но не простува ако почнеме со изопачени процеси.

Имајте доверба во младите, иако се обесхрабрени

Голем дел од интервјуто е посветено на младите, во кое тој конкретно се осврна на политичкото неангажирање. Тие се обесхрабрени – вели тој и како секундарни причини ги споменува мафијашките и корупциските договори. Затоа го поттикнува учењето на науката за политика, соживот, но и политичка борба, која не чисти од себичноста и ни овозможува да напредуваме. Папата покажува дека има доверба во младите луѓе, иако тие обично не одат на света Литургија; важно е – посочува – да им помогнеме да пораснат и да се придружуваат. Потсетувајќи се на зборовите на композиторот Густав Малер, предупредува дека традицијата е гаранција за иднината. Тоа не е музејска поставка. Тоа е она што ви дава живот, сè додека ви помага да растете. Назадувањето – вели Папата – е нешто сосема друго, тоа е нездрав конзервативизам.

Со филозофијата на другоста да ги победиме „злите огледала“

Папата Фрањо во разговорот ги опишува и злата на нашето време: нарцизмот, очајот и песимизмот, односно злата на таканаречената психологија на огледалото. Според него, со нив треба да се бори со смисла за хумор што „го прави похумано“ и со разговор, филозофија на другоста.

Следната година се навршуваат десет години понтификат

Зборувајќи за неговите активности на Петровата Катедра, со оглед на десетгодишнината од изборот што ќе се одбележи во 2023 година, папата Фрањо посочува дека прибрал сѐ што кажале кардиналите на состаноците пред конклавата. Мислам дека нема ништо првично мое; го почнав она што сите заедно го решивме – вели Папата, а потоа додава: Со други зборови, тоа не се мои идеи. Нека биде јасно. Ова се идеите на целиот Кардиналски колегиум, кој тоа го бараше.

Да се гледа светот од егзистенцијалните периферии

Зборувајќи за Црквата во Латинска Америка, Папата забележува дека таа знаела и знае се подобро и подобро да ја изразува својата народна побожност, а истовремено истакнува дека е важно да се гледа на светот од егзистенцијалните и општествените периферии. Охрабрува, дополнително, да се посетат старите лица, пензионерите, децаат, градските квартови, фабриките, универзитетите, места каде што се одвива секојдневниот живот. Што се однесува до самиот континент, папата Фрањо вели дека Латинска Америка отсекогаш била жртва и ќе биде се додека целосно не се ослободи од империјализмите кои ја експлоатираат. Иако – како што вели – сите земји го имаат овој проблем.

Медиумски искривувања на реалноста

Во врска со важноста што гласот на папата Фрањо ја презема во светот денес на општествено и политичко ниво, Светиот Отец ја нагласува доследноста помеѓу она што го слуша пред Бога и пред другите, и она што го води во неговите постапки и изјави. Тој се осврнува и на фактот дека мора многу да внимава на опасноста од медиумско манипулирање со неговото мислење. Општо земено, тој предупредува за медиумските трендови кои водат до искривување на реалноста и наведува четири „гревови на комуникација“: дезинформација, односно кажување што им одговара на медиумите; клевета, односно измислица на штета на некој човек; потоа припишување на некому мисла што во меѓувреме ја променил; и љубов кон гнасното, склоност кон скандали. Комуникацијата е нешто свето и треба да се прави чесно и доверливо – истакнува папата Фрањо и бара од медиумите здрава објективност.

Во последниот дел од интервјуто, папата Бергољо се присетува на времето на конклавата, промената на животот по изборите, но го споменува и неговиот живот пред да стане Папа. Животот е убав ако знаеш да чекаш, како што тоа го прави Бог со нас, а тоа е карактеристика на Божјиот стил што тој го стекнал со текот на времето. На новинарското прашање „Дали уште малку ќе го имаме папата Фрањо“, римскиот бискуп одговорил: „Тоа нека го каже Оној горе“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот