Папата Фрањо: Поделбите ја уништуваат Црквата

Поделбите ја уништуваат Црквата, а ѓаволот се труди да го искушува самиот корен на единството, евхаристиското славење – рече папата Фрањо во текот на светата Литургија на 12 септември 2016 година во домот Света Марта на празникот Име Мариино.

Коментирајќи го денешниот дел од Посланието на свети Павле до Коринтјаните во кој апостолот ја изобличува заедницата во Коринт заради поделби и раздори (1Кор 11, 17-26.33), папата Фрањо истакна дека „ѓаволот има две моќни оружја во уништувањето на Црквата, а тоа се поделбите и парите.“ Така е од самиот почеток: „идеолошки и теолошки поделби ја ранувале Црквата. Ѓаволот сее љубомора, амбиции и идеи – сè за да разделува! Или пак сее алчност.“ И како што после војната “сè е уништено’. А ѓаволот си заминува задоволен. А ние наивни наседнуваме на неговата игра.“ „Војна на поделбата е гнасна војна – повтори Папата – како тероризмот“, тероризмот на озборувањето во заедницата, тероризмот на јазикот што убива, „фрла бомба и уништува.“

„Поделбите во Црквата не дозволуваат Царството Божјо да расте, предупредува Папата, не дозволуваат Господ да се покаже таков каков што е. Поделбите прават да се гледа едната страна или другата која е против таа… Секогаш против! Нема масло на единството, нема мелем за единство. И тоа се случило таму во градот Коринт и на Коринтјаните. Свети Павле ги укорува затоа што поделбите стигнале до коренот на единството – до евхаристиското славење.“

Коринтјаните се делеле на богати и сиромашни токму во текот на евхаристиското славење. Исус – нагласува Папата – го моли Отецот за единство, но ѓаволот се обидува да го уништи токму единството. „Барам од вас – продолжува Папата – да направите сè што е возможно за да не се уништи Црквата со поделби, дали тие се идеолошки плод на алчноста или амбициите или пак љубомората. И пред сè молете и чувајте го изворот, коренот на единството на Црквата Телото Христово чија жртва секој ден ја славиме во Евхаристијата.“

Свети Павле зборува за поделбите меѓу Коринтјаните пред 2000 години, но свети Павле истото тоа би можел да го каже и денес на сите нас, на денешната Црква повтори папата Фрањо замислувајќи го укорот на свети Павле: „Не ве фалам дека не за подобро, туку за полошо се собирате.“

Црквата, заедницата ако е собрана од погрешни причини прави голема штета и користејќи тешки зборови, Светиот Отец предупредува дека тогаш во евхаристиското славење се осквернува Телото Христово. „Свети Павле самиот говори во друг текст: кој недостојно го јаде и пие Телото и Крвта Христова, ја јаде и пие својата осуда. Да го молиме Господ за единство на Црквата, да нема поделби. И за единство во коренот на Црквата, а тоа е Христовата жртва која секој ден ја славиме“, заврши Папата.

На Евхаристијата присуствуваше и Артуро Антонио Шимански Рамирез надбискуп во мирување од градот Сан Луис Потоси во Мексико. На почетокот на проповедта Папата го цитираше потсетувајќи дека монс. Рамирез учествувал на Вториот ватикански собор, а денес на возраст од 95 години помага во парохијата.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот