Папата Фрањо на Светскиот ден на мирот: Никогаш повеќе војни! Мирот е можен!

„Во првиот ден од годината, во сеуште радосна божиќна атмосфера, Црквата нѐ повикува да го насочиме погледот кон Мајката на Исус“. Тоа го посочи папата Фрањо во размислувањето пред молитвата „Ангел Господов“, истакнувајќи дека „мирот е секогаш можен, а неговиот корен е молитвата“.

На почетокот на новата година папата Фрањо ги повика присутните на плоштадот Свети Петар, да се потсетат на денот на своето Крштевање, бидејќи тоа таинство нѐ прави живи членови во Христос и дел од неговата Црква. „Благодарение на Крштевањето сме воведени во заедништво со Бог и не сме повеќе подложени на злото и гревот“.

Повикувајќи се на бројните плакати посветени на мирот, подигнати од верниците кон папата Фрањо, тој посочи дека „блискоста на Бог во нашите животи ни го дарува вистинскиот мир. Мирот е дарот што сакаме да го испросиме особено денес, на Светскиот ден на Мирот. Мирот е секогаш  можен! Треба да го бараме, а молитвата е коренот на мирот. Молитвата помага во градењето на мирот. Денес, на Светскиот ден на мирот, пораката е: „Никогаш повеќе робови, туку браќа и сестри!“. Војните секогаш нѐ прават робови“.

Светиот Отец повика на промовирање на мирот:

„Сите сме повикани да се бориме со секоја форма на ропство и да гиградиме братските односи. Сите, секој според личната одговорност. Запаметете и немојте да заборавите: мирот е можен! А во корените на мирот е молитвата. Да се молиме за мирот “.

Христос, додаде Папата, „ја прифати човечката состојба, кога го ослободи од затворениот законски начин на размислување“:

„Законот, лишен од благодатта, се претвора во неподнослив јарем и наместо да ни биде од корист, ни штети. Исус вели: „Саботата е направена за човекот, а не човекот за саботата. Целта за која Бог го испраќа својот Син на земјата е за да се ослободи човекот, да ги откупи оние, кои беа подложни на законот. Тојоткуп се врши преку смртта на Исус на крстот “.

По молитвата „Ангел Господов“, Папата потсети посебно на националниот марш за мир, кој се одржа на 31 декември во Виченца, Италија, и на манифестациите во Рим и бројни градови во светот под мотото„Мир во сите земји“. „Никогаш повеќе војни, туку желба за мир и напор за градење на мир и братски односи меѓу народите!

На крајот, Папата посака Новата година да биде година на мирот во нежната прегратка на Господ и под закрила на Марија, мајката Божја и наша Мајка.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот