Папата Фрањо на Ангел Господов: Постојано да се слуша гласот Господов
Преображението на Исус на гората Тавор нè повикува да продолжиме да одиме со вера и великодушност по патот на Великиот пост, „слушајќи” и „применувајќи” го Словото Исусово. Ова го посочи папата Фрањо во својот говор пред Ангеловиот поздрав, која го одржа од прозорецот на Апостолски палата во Втората недела од Великиот пост. Обраќајки се до насобраните верници на плоштадот Свети Петар, папата Фрањо повика да го споделиме со братско милосрдие „богатството” на благодатите добиени одозгора.
***************************
Драги браќа и сестри, добар ден,!
Во денешното Евангелие слушнавме за настанот на Преображение. Тоа е втора етапа од одот во Великиот пост: прва е искушувањето во пустината, минатата недела; а втора е Преображението „ и зеде ги зеде Исус со Себе Петра, Јакова и брата му Јована, и ги изведе во висока гора сами“ (Матеј 17,1). Планината во Библијата претставува место близу до Бог и блиска средба со него; место на молитва, каде што се престојува во Господовата присутност. По пристигнувањето на гората, Исус се преобрази пред учениците, им се покажа во светлина, преубав; а потоа исто така се појавија Мојсеј и Илија, кои разговараат со него. Лицата исто така им беа светли, а облеката толку бела, што Петар толку многу се воодушеви, што посака да остане таму, посака да го запре тој момент. Во тој момент се слушна глас од небото, кој го прогласи Исус за свој возљубен Син, говорејќи: „Слушајте го“ (Матеј 17,5). Тоа се важни зборови! Нашиот Отец тоа им го кажа на апостолите, а ни го вели и на нас: „Слушајте го Исус, бидејќи е мој возљубен Син“. Оваа недела овие зборови нека ни останат врежани во паметот и срцето: „Слушајте го Исус!“ И тоа не го вели Папата, тоа го вели Бог и тоа на сите нас: на мене, на вас, на сите, апсолутно на сите! Тоа е како некоја помош за напредување на патот во Великиот пост. „Слушајте го Исус!“. Тоа не смее да се заборави.
Многу е важен тој повик на Отецот. Ние, Исусовите ученици, повикани сме да бидеме луѓе кои го слушаат неговиот глас и сериозно ги сфаќаат неговите зборови. За да се слуша Исус, треба да се биде близу до него, да се следи, како што тоа го правеше мноштвото од Евангелието, кои одеа по него низ патиштата на Палестина. Исус немаше некоја катедра или постојана говорница, туку беше патувачки учител, кој го пренесуваше своето учење, а тоа е учењето кое му е предадено од Отецот, низ патиштата, поминувајќи далечини кои не секогаш можеа да се предвидат и кои понекогаш воопшто не беше лесно да се поминат. Исус се следи за да се слуша. Но Исус исто така го слушаме и преку неговото пишано Слово во Евангелието. Ќе ви поставам едно прашање: дали секојдневно прочитувате еден дел од Евангелието? Да, не… да, не… пола-пола… Некои да, некои не. Но тоа не е важно! Дали го читате Евангелието? Тоа е добро, добро е да се има мало Евангелие и да се носи со себе, во џебот, во торбата и од него да се прочита еден мал дел во било кое време од денот. Во секое време од денот го вадам од џебот Евангелието и нешто прочитам од него, некој мал дел. Таму е Исус и говори, во Евангелието. Мислете на тоа. Тоа не е тешко, ниту пак е неопходно да ги носиме сите четири со себе: со себе да носиме едно од Евангелијата, мало Евангелие. Евангелието секогаш нека биде со нас, бидејќи тоа е Исусово Слово, кое ни е дадено за да можеме да го слушаме.
Од тој настан на Преображение сакам да извлечам два важни елемнта, кои ќе ги истакнам со два збора: искачување и симнување. Имаме потреба да се повлечеме во осама, да се искачиме на гората во простор на тишина, за да се пронајдеме самите себе и подобро да го слушнеме Господовиот глас. Тоа е она што го правиме во молитвата. Но таму не можеме да останеме! Средбата со Бог во молитвата нѐ поттикнува одново „да слеземе од гората“ и да се вратиме доле, на рамно, каде сретнуваме многу браќа оптеретени со напори, болести, тешкотии, незнаење, материјално и духовно сиромаштво. Повикани сме на тие наши браќа кои се во неволја да им донесеме плодови од своето искуство со Бог, со нив делејќи ја добиената милост. И тоа е интересно. Кога го слушаме Исусовото Слово и го имаме во срцето, тоа Слово расте. А знаете ли како расте? Кога се дава на другите! Христовото Слово расте во нас кога го навестуваме, кога го даваме на другите! И тоа е христијанскиот живот. Тоа е послание за целата црква, за сите кои се крстени, за сите нас: Да се слуша Исус и да се дава на другите. Не заборавете оваа седмица да го слушате Исус! И потсетете се на ова од Евангелието: ќе го сторите ли тоа? Дали сакате да го направите тоа? Идната недела ќе ми кажете дали го сторивте тоа: имате ли мало Евангелие во џебот или во торбата за да прочитате мал дел во текот од денот.
А сега да се обратиме на нашата Мајка Марија и да се довериме на нејзиното водство за да продолжиме со вера и великодушност на овој пат во Великиот пост, учејќи малку да се „искачуваме“ со молитва и да се слуша Исус и да „слегнуваме“ со братска љубов, навестувајќи го Исус.
РВ/го*ко