Папата Фрањо: Млади во Азија, рабудете се!

Папата Фрањо ги повика младите католици во Азија, иако се малцинство, отворено да ја живеат својата христијанска вера и да не се плашат нејзината мудрост да ја внесуваат во сите аспекти на општествениот живот. Светиот Отец во недела на 17 август во светилиштето Хаеми во Јужна Кореја го предводеше завршното славење на шестиот Ден на младите од Азија под мотото: „Млади во Азија, рабудете се! Славата на мачениците блеска над вас!“ Младите литургиското славење го збогатија со своите настапи, читања, молитви и игри во народни носии од разни азиски земји.

Како синови и ќерки на овој континент имате право и должност да учествувате во јавниот живот на својата земја, порача Папата во проповедта на англиски јазик пред младите од 22 азиски земји. Истовремено ги повика да бидат отворени кон традиционалните азиски култури. Како христијани можете да препознаете многу позитивни аспекти на различни наследства и да го почитувате она прекрасното и вистинското во нив, рече Папата, додавајќи, дека како христијани исто така знаете дека Евагелието има сила да просветли, воздигне и да го усоврши тоа наследство.

Папата ги повика, својот младински оптимизам и енергија да ги стават во служба на Црквата. Дозволете Христос вашиот природен оптимизам да го претвори во христијанска надеж, и енергијата во морална доблест, им кажа Папата на младите, потсетувајќи ги дека не се само иднината на Црквата, туку и ценет дел на нејзината сегашност. Искористете ги своите години заеднички со вашите епископи и свештеници да го градите светот, мисионерска и храбра Црква која ќе настојува да им служи на сиромашните, осамените, болните и оние на маргините на општесвото, истакна Светиот Отец.

На местото на смртта на толку христијани, Папата уште еднаш потсети на мачениците кои претходниот ден ги прогласи за блажени, а се и централна тема на шестиот Ден на младите од Азија што се гледа од неговото мото „Млади во Азија, рабудете се! Славата на мачениците блеска над вас!“ Корејските маченици, како и безброј други по цела Азија на своите прогонители им ги предале своите тела, а на нас ни дадоа сведоштво дека светлото на Христовата вистина ја расветлува секоја темнина, а Неговата љубов победува во славата, нагласи Светиот Отец.

Ова е прв пат еден Папа да учествува на Денот на младите од Азија. Првиот е одржан во 1999 година во Тајланд

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот