Папата Фрањо: Кој помага на сиромашниот, го навестува Евангелието

Во оној кој светот го отфрла „како бескорисен“, Бог го признава достоинството и благородноста на „возљубениот Син“ – рече Светиот Отец говорејќи им на членовите од доброволната организација ‘’Notre-Dame des Sans-Abri’, која се грижи за бездомниците, кои ги беше примил во Апостолската палата на аудиенција.

Насловот ‘Света Марија на бездомниците’, во 20 век, Габриел Русет, професор по литература, го одбра за свое каритативно дело кое се грижи за бездомниците, за оние кои светот најчесто ги отфра, а колку Папата ги сака сведочи аудиенција во салата на Конзисториумот, во Ватикан. Би сакал да знаете колку ја ценам вашата посветеност за најсиромашните, за луѓето кои општеството ги отфрла, кои немаат ниту кров ниту леб, всушност немаат ниту работа ниту достоинство – рече папата Фрањо.

Неопходно е на денешниот свет да му се навестува Божјата милост. Денешниот свет ја отфрла човечката личност, ако е непрофитна, но Бог напротив во неа го признава достоинството и благородноста на саканото дете, во Неговото срце  човекот има привилигирано место – сиромавиот е Божји миленик, тој е суштината на Евангелието – рече Светиот Отец.

Габриел Русет го слушна крикот на сиромашните, се згрози пред страдањата на другите и несебично одговори – потсети папата Фрањо додавајќи дека Исус страда во сиромашните и тие кои им служаат на тие луѓе, ги исцелуваат Неговите рани. Сиромашните овозможуваат директна средба со Исус, „тие секогаш нас не евангелизираат“  – истакна Папата.

Ви благодарам за сведочењето на конкретната милост, што со едноставни и топли гестови ги ублажувате страдањата на луѓето, давајќи им нова надеж и достоинство. Тоа е најубав начин да се навестува радоста на Евангелието. Посветувањето за последните, за оние кои општеството ги отфрла и ги отстранува, тоа е знак дека секогаш можеме да даваме, дека сведочењето на мртвиот и воскреснатиот Христос може да биде ефикасно. Тоа е светотаински знак – рече Светиот Отец.

Осврнувајќи се на името на фондацијата, рече дека тоа е навистина убаво. Исусовата Мајка им дава кров над главите на бездомниците. Ми се чини дека е од суштинско значење маријанската димензија на вашата посветеност за другите. Срцето Мариино е полно со сочувство за сите луѓе, особено за најсиромашните и најбедните, за оние кои имаат најмногу потреба; преку вас се гледа нејзината мајчинска нежност – заврши папата Фрањо.

РВ/З.А.

Категорија: Ватикан

За авторот