Спортот треба да биде заштитен од „манипулации” и од „комерцијална експлоатација” и да се зачува неговиот автентичен дух и во него да се учествува „радосно и несебично”. Тоа беше пораката на папата Фрањо во среда 5 октомври, до учесниците на меѓународната конференција посветена на верата и спортот, која се одржува во Ватикан од 5 до 7 октомври под слоганот „Спортот во служба на човештвото”, а по иницијатива на Папскиот совет за култура.
На отворањето присуствуваа генералниот секретар на ОН Бан Ки-Мун, претседателот на МОК, Томас Бах и верски претставници од целиот свет меѓу кои Кантерберискиот архиепископ Џастин Уелби. Пред повеќе од 7 илјади присутни во ватиканската сала Павле VI, меѓу кои 150 лидери од спортот, бизнисот, граѓанското општество и осигурителна компанија „Алијанс”, спонзор на конференцијата, Папата потсети на „целите“ и „предизвиците” кои денес стојат пред спортот.
Спортот го збогатува животот на луѓето
„Спортот е човечка активност со голема вредност, бидејќи може да го збогатува животот на луѓето и во кој можат да уживаат мажите и жените од секоја нација, етнос и религија. Имено во последните месеци бевме сведоци на Олимписките и Параолимписките игри, кои беа во центарот на светското внимание. Олимпискиот слоган, „Побрзо, повисоко, посилно” („Цитиус, алтиус, фортиус”), е повик да ги развиеме талентите кои ни се дадени од Бог”.
Спортот учи да победуваш, но и да губиш
Папата Фрањо посочи уште една важна карактеристика на спортот: во него можат да учествуваат и спортисти со помали достигнувања: „Има и еден друг спорт – дилетантски, аматерски и продуктивен којнема за цел натпреварување, туку им овозможува на сите да го подобрат своето здравје и благосостојба, учи на тимска работа, како да победуваш, но исто така и како да губиш. Затоа е важно сите да учествуваат во спортски активности, до кои сѐ повеќе луѓе треба да имаат пристап”.
Решавачката улога на Параолимписките движење
„Нашите верски традиции ги споделуваат напорите за да се обезбеди почитување на достоинството на секој човек”, истакна Папата. „Но, исто така е добро да се знае дека светските спортски институции имаат се отворени за вклучување. Параолимписките движење и други спортски здруженија во поддршка на лицата со посебни потреби, како Special Olympics, имаат решавачка улога за јавното признавање и восхит на исклучителните достигнувања на спортисти со различни квалитети и способности “.
Спортот треба да биде можност за сите
Спортот, додаде папата Фрањо, треба да биде можност за сите, вклучително и за „многубројните деца и млади кои живеат во периферијата на општеството”:
„Сите знаеме за ентузијазмот на децата, кои играат со дупната топка или направена од партали во предградијата на големите градови или малите населби – рече Папата. Ги охрабрувам сите – институции, спортски друштва, воспитни и образовни организации и религиозни заедници – да работат заедно за да можат овие деца да имаат пристап до спортот со пристојни услови, особено за најсиромашните”.
Спортот треба да се брани од манипулации и комерцијална експлоатација
Папата упати „предизвик” кон претставниците на спортот и спонзорите на спортски натпревари:
„Да се зачува автентичниот дух на спортот, да се брани од манипулации и комерцијална експлоатација – посочи папата Фрањо. Би било тажно за спортот и за човештвото, ако луѓето ја загубат доверба за вистината на спортски резултати или ако цинизмот и разочарувањето го надминува ентузијазмот и радосното и несебично учество. Во спортот, како и во животот, е важна борбата за резултатот, но уште поважно е да се игра добро и лојално”.
Да ја искорениме корупцијата во спортот
На крајот Папата се заблагодари за напорите за искоренување на секоја форма на корупцијата и манипулацијата во спортот и во сите општествени сфери, наведувајќи ја конкретно кампањата на Обединетите нации во сите општествени сфери:
„Кога луѓето прават напори за изградба на фер и транспарентно општество, тогаш соработуваат со Божјото дело. И ние, верските водачи, сакаме да го понудиме нашиот придонес. Католичката црква активно учествува во спортот, за да ја пренесе радоста на Евангелието за безусловната и инклузивна љубов на Бог кон сите човечки созданија “
РВ/к.мк