Папата Фрањо во аудиенција го прими парагвајскиот претседател Сантијаго Пења Паласиос. Потоа претседателот на Парагвај имаше средби во Државниот секретаријат на Светиот Престол на темi поврзани за мир, заштита на животната средина и кампањи за борба против сиромаштијата
Папата Фрањо во понеделник наутро, на 27 ноември 2023 година, се сретна со претседателот на Парагвај, Сантијаго Пења Паласиос.
Средбата траела околу 25 минути во резиденцијата на папата во Домот Света Марта во Ватикан, а не како обично во Апостолската палата, бидејќи Папата има благо воспалителние во пределот на белите дробови.
Претседателот Пења Паласиос беше придружуван од сопругата и членови на делегацијата.
Разговори во Државниот секретаријат
По билатералниот разговор со Светиот Отец, претседателот Пења Паласиос се упати во Апостолската палата, каде се сретна со ватиканскиот државен секретар, кардиналот Пјетро Паролин и секретарот за односи со државите и меѓународните организации на Ватикан, надбискупот Пол Ричард Галагер.
За време на срдечните разговори, кои се одржаа во Државниот секретаријат, како што соопшти прес-службата на Светиот Престол, била изразена благодарност за добрите билатерални односи меѓу Светиот Престол и Република Парагвај и желбата за нивно натамошно зајакнување.
Вниманието потоа е насочено кон програмите на новата парагвајска влада против сиромаштвото. Освен тоа, се разговарало и за некои прашања од заемен интерес, како што се заштитата на животната средина, состојбата на земјите од регионот и заложбата за мир меѓу народите.
Размена на подароци
Папата Фрањо и претседателот на Парагвај разменија подароци. Претседателот Пења Паласиос на Папата му подари божиќна пештера, направена од локални парагвајски занаетчии, како и пончо рачно изработено од локални занаетчии, корпа со парагвајски прехранбени производи, дрвена статуа на Пресвета Богородица и сребрена бројаница.
Папата Фрањо на претседателот му подари бронзена скулптура на која се претставени две раце преклопени на позадината на колонадата на Свети Петар, со жена која држи дете и брод со мигранти, со натпис: „Да ги исполниме рацете со други раце“.
Меѓу подароците на Папата имаше и важни документи од неговиот понтификат, вклучувајќи ја и пораката за мир за овогодинешниот Светски ден.
Ватикан њуз/к.мк