Генерална аудиенција: Усната молитва нè фаќа за рака и нè води кон Бога

Генерална аудиенција: Усната молитва нè фаќа за рака и нè води кон Бога

Во катехезата на Генералната аудиенција во среда 21 април 2021 година, папата Фрањо се осврна на вредноста на спонтано изречената молитва. Усната молитва е најсигурниот начин да ги насочиме кон Бога молитвите што Тој сака да ги чуе – рече Светиот Отец.

Драги браќа и сестри, добар ден

Молитвата е разговор со Бога и секое битие, во одредена смисла, „разговара“ со Бог. Кај човекот, молитвата станува слово, повик, песна, поезија… Божјото слово се овоплоти и во телото на секој човек ,словото се враќа на Бога во молитва.

Зборовите се дело на нашите раце, но тие се и наши мајки и нè обликуваат до одреден степен. Зборовите на одредена молитва ни помагаат безбедно да поминеме низ опасноста од долината на смртта, насочувајќи нè на плодни пасишта и на тихи води, како што нè учи еден Псалм да се молиме (сп. Псалм 22). Зборовите се раѓаат од чувства, но има и обратен пат: оној по кој зборовите ги обликуваат чувствата. Библијата го учи човекот дека сè треба да се изнесе во светлината на тој збор, ништо од она што е човечко не треба да се исклучува, цензурира. Болката е особено опасна ако се потисне, ако не дозволиме да излезе од нас… Болката затворена во нас, која не се искажува или издишува, може да ја отруе душата; тоа е смртоносно

Тоа е причината зошто Светото Писмо нè учи да се молиме со зборови, кои понекогаш се инвентивни. Светите автори не сакаат да нè доведат во заблуда во врска со човекот: тие знаат дека во неговото срце живеат и зборови кои воопшто не се за пофалба, па дури и омраза. Никој од нас не е роден свет и кога овие р’ѓави чувства ќе тропнат на вратата на нашето срце, ние мора да знаеме како да ги истераме со молитва и Божји зборови. Во Псалмите наоѓаме и многу остри зборови против непријателот – зборови за кои духовните учители нè учат да ги упатуваме на сметка на ѓаволот и нашите гревови – а сепак тоа се зборови кои припаѓаат на човечката реалност и кои завршиле во Светото Писмо. Тие се таму за да ни сведочат дека ако на насилството не би се спротивставиле со зборови со цел на лошите зборови да се затапи сечилото, да се насочат да не наштетуваат, светот би бил потполно преплавен од нив.

Првата молитва на човекот е секогаш усна молитва. Најпрво се мрдаат усните. Иако сите знаеме дека молењето не значи повторување зборови, усната молитва е најбезбедна и секогаш може да се моли. Чувствата, колку и да се благородни, секогаш се несигурни: доаѓаат и заминуваат, исчезнуваат и потоа пак се враќаат. И не само тоа: милоста добиена преку молитвата е исто така непредвидлива: во некои моменти утехата е напредок, но во моментите на најголема темнина се чини дека целосно испарува. Молитвата на срцето е таинствена и во одредени моменти скриена. Усната молитва, она која се шепоти или се моли во заедништво на верните е секогаш достапна и неопходна како работата со рацете. Катехизмот вели: „Усната молитва е неопходна во христијанскиот живот. Учениците, кои ги привлече со својата тивка молитва, Учителот ги учи на усна молитва: „Оче наш“ (бр. 2701). „Научи нè да се молиме“ учениците го молат Исус и Исус ги учи на усна молитва: ‘Оче наш’. И во таа молитва е сè.

Сите треба да имаме понизност кон некои постари луѓе кои, во црква, можеби затоа што нивниот слух повеќе не ги служи добро, полугласно ги изговараат молитвите кои ги научиле како деца, исполнувајќи го црковниот кораб со нивните шепотења. Оваа молитва не ја нарушува тишината, туку сведочи за верноста кон должноста за молитвата, која постојано се практикува низ целиот живот и од која никогаш не се откажува. Овие скромни застапници честопати се одлични застапници на парохиите: тие се дабови што ги шират своите гранки од година во година, обезбедувајќи сенка на сè поголем број луѓе. Само Бог знае кога и колку нивните срца се обединети со овие молитви: и овие лица сигурно морале да се соочат со темнина и моменти на празнина. Но, усната молитва секогаш може да остане верна. Тоа е како сидро: фатете го јажето за да останете таму, верни, без оглед што ќе се случи.

Сите можеме да учиме од постојаноста на рускиот поклоник, за кој зборува познатото духовно дело, кој молитвената умешност ја совлада, повторувајќи го истиот повик безброј пати: „Исус Христе, Сине Божји, Господи, помилуј нè грешните!“ (сп. ККЦ 2661; 2667). Само тоа го повторуваше. Ако милоста се излеа во неговиот живот, ако молитвата еден ден стана толку силна што го почувствува присуството на Царството овде на земјата во нашата средина, ако погледот му се преобрази до тој степен што ќе стане како на дете, за тоа може да се заблагодари на неговата постојаност во една едноставна силна христијанска молитва. На крајот, таа ќе стане една со неговиот здив. Прекрасна е оваа приказна за рускиот поклоник: ова четиво е достапно за секого. Ве советувам да ја прочитате таа книга: ќе ви помогне да сфатите што е усна молитва.

Затоа, не смееме да ја презираме усната молитва. Некој ќе рече: „Ах, тоа е нешто за деца, за неуките; Барам мисловна молитва, медитација, внатрешна празнина за да дојде Бог“. Ве молам, не смееме да потклекнеме на гордоста и да ја презираме усната молитва. Тоа е молитва на едноставните, онаа на која нè научи Исус: Оче наш, кој си на небесата … Зборовите што ги изговараме нè земаат за рака; во одреден момент во нас буди задоволство, го буди дури и најзаспаното срце; ги буди одамна заборавени чувства и нè водат кон искуството на Бога. И, пред сè, само тие сигурно ги упатуваат кон Бога молитвите што Тој сака да ги чуе. Исус не нѐ остави во магла. Тој рече: „Молете се вака..“ и подучува во молитвата Оче наш (сп. Матеј 6, 9).

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот