Папата: Формирајте свештеници за духовно расудување

Објавен преписот од разговорот на Папата со Исусовците во Полска. „Црквата денес треба да расте во способноста за духовно расудување“ – истакна Папата во текот на неформалниот разговор одговарајќи на прашањата на своите собраќа.

Во текот на апостолската посета на Полска за 31. Светски ден на млади, папата Фрањо на 30 јули 2016 година се сретна со група од 28 Исусовци  – вклучувајќи ги провинцијалите на две полски покраини на Дружбата Исусовци – и двајца соработници лаици. Средба се одржа во надбискупската резиденција во едноставна, спонтана и срдечна атмосфера. Не сакајќи да одржи говор, Папата одлучи да разговара со собраните и да им даде можност да му поставуваат прашања. Преписот од тој четириесет минутен разговор е објавен според желбата на Светиот Отец во новиот број на спсианието La Civiltà Cattolica.

Младите поставуваат директни прашања без дискреција. И секогаш на младата личност мораш да и одговориш искрено. Тие ја сакаат вистината или барем јасно да се каже „Не знам да ти одговорам“ – рече папата Фрањо зборувајќи за својот пристап со младите. „Ако им одговориш со теорија остануваат разочарани. Младите се великодушни. Но, работата со нив исто така бара трпение, многу трпение.“

Еден од нив денес ме праша: „Што треба да му кажам на пријателот кој не верува во Бог за да може да стане верник?“ Овде – рече Папата – „гледате дека на младите периодично им се потребни „рецепти“. Тогаш мора да бидете подготвени да го поправите тој став кој бара рецепти и подготвени одговори. Јас реков: „Последната работа која мораш да ја направиш е да кажеш нешто. Започни така што нешто да направиш. Тогаш тој или таа ќе те праша за објаснување за тоа како живееш и зошто.“ „Потребно е да бидеш директен, директен со вистината“ – дообјасни.

Зборувајќи за улогата на исусовските универзитети истакна дека тие треба да вклучуваат „глобална формација“ односно „не само интелектуална“ туку „формација на целата личност“. „Ако универзитетот стане едноставно академија на идејата или „фабрика“ за професионалци или ако во неговите структури преовладува менталитет фокусиран на бизнис тогаш навистина скршнал од патот“ – рече Папата.

Предизвикот за исусовските универзитети е да тргнат по патот на духовните вежби – продолжиПапата „Тоа значи да се ризикува по прашањето за вистината; не „затворена вистина“ за која никој не расправа.“ Според зборовите на Папата „вистината за средбата со луѓето е отворена“ и бара отвореност кон реалноста. Исусовскиот универзитет затоа „мора да биде вклучен во реалниот живот на Црквата и државата.“

„Посебно внимание секогаш треба да се посветува на маргинализираните, да се заштитат оние на кои одбраната им е најпотребна. И тоа не значи да се биде комунист: тоа едноставно значи да се биде вклучен во реалноста. Во овој случај исусовскиот универзитет треба да биде во целост вклучен во реалноста покажувајќи ја социјалната наука на Црквата. Либералната мисла која го отстранува човекот од центарот и во центарот ги става парите не е наша. Науката на Црквата е јасна и треба да се оди напред во таа смисла“ – нагласи Светиот Отец.

„Свештенството навистина е голема милост“ – им кажа на своите новоракоположени собраќа предлагајќи им да бидат потопени во духовноста на свети Игнациј. Исусовците ги замоли да работат со богословите и да им го дадат она што самите го примиле во духовните вежби: „мудрост за расудување.“ „Црквата денес треба да расте во способноста за духовно расудување. Некои програми за свештеничка формација ризикуваат да едуцираат во светлината на премногу јасни и рабирливи идеи и затоа делуваат внатре во границата и критериумите кои се ригидно дефинирани a приори и кои ги занемаруваат конкретните ситуации.“

Примајќи такво воспитание како свештеници имаат потешкотии во следењето на животот на луѓето од кои „многумина од исповедилницата си заминуваат разочарани. Не затоа што свештеникот е лош, туку затоа што нема способност за расудување на ситуацијата, следење во автентично расудување“ – рече папата Фрањо.

На свештениците обично им се дава довербата на совеста но – како што рече – „духовното водство не е исклучиво свештеничка харизма туку исто така е и лаичка.“ Меѓутоа расудувањето треба да се поучи „пред сè свештениците помагајќи им во светлината на Духовните вежби во динамиката на пасторалното расудување кое го почитува законот, но знае како да оди над него.“

Цитирајќи го Хуго Рахнер Папата рече дека исусовецот треба да биде човек со чувство за божественото, но и за ѓаволкото кое е присутно во човечкиот живот и историја. „Затоа исусовецот мора да биде способен да расудува и на Божјото и на ѓаволското поле. Треба да ги формираме идните свештеници“ – рече Папа – „не во општи и апстрактни идеи кои се јасни и разборливи, туку за расудување на духовите така да можат да им помогнат на луѓето во нивните конкретни животи. Ова навистина треба да го сфатиме: во животот не е сè црно на бело или бело на црно. Не! Нијансите на сивото преовладуваат во животот. Треба да се поучува за расудување на тоа сиво подрачје“ – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот