Исусовиот поглед оди подалеку од гревовите и предрасудите

Исусовиот поглед оди подалеку од гревовите и предрасудите

Исусовиот поглед оди подалеку од гревовите и предрасудите; Тој го гледа човекот со Божји очи кои не запираат на грешното минато, туку ја гледаат светлата иднина – порача папата Фрањо на Ангел Господов на 30 октомври 2016 година на плоштадот Свети Петар во кој се осврна на средбата на Исус и Закхеј.

Папата истакна дека Закхеј Евреите го сметале за предавник затоа што работел за Римјаните, омразените окупатори. Не му дозволуваат да му пријде на Исус и затоа Закхеј се качува на дрво каде што Исус го здогледува и му вели: „Закхеј, слези брзо, зашто денес треба да бидам во твојот дом.“ (Лк 19, 5). Исус сакал да го спаси Закхеј, презрен од сите и има потреба од преобраќање, но другите започнале да мрморат.

Исус влегува во домот на Закхеј и гледајќи го неговото преобраќање вели: „Денес дојде спасението на овој дом, зашто и тој е син Авраамов. Оти Синот Човечки дојде да го побара и спаси загубеното.“ (Лк 19, 9-10) Светиот Отец нагласи дека Исус не запира на грешното минато, туку ја гледа светлата иднина; Тој не запира на надворешноста, туку гледа во човечкото срце. „И овде го погледнал ранетото срце на овој човек: срце рането од гревот на алчноста, од многуте работи кои Закхеј ги направил. И го гледа тоа рането срце и „влегува“ во него.“

Папата Фрањо кажа дека ние настојуваме да го поправиме грешникот приговарајќи му, спомнувајќи му ги неговите грешки и неправедното однесување. Исус овде ни покажува друг начин: на оние кои грешат покажи им ја нивната вредност, вредноста која Бог ја гледа во нив независно од сѐ. Папата истакна дека тоа може да го омекне срцето на личноста и да го натера да го изведе на светлината на денот, доброто кое го има во себе и продолжи:

„Нека Дева Марија ни помогне во луѓето со кои секојдневно се среќаваме да го гледаме доброто, така да бидат охрабрени да ја изведат на светлината на денот сликата Божја втисната во нивните срца. И така ќе можеме да се радуваме на изненадувањата на Божјото милосрдие. Нашиот Бог е Бог на изненадувања!“ порача на крајот од Ангел Господов папата Фрањо.

Светиот Отец по молитвата Ангел Господов потсети на вчерашната беатификација на четворица бенедиктински маченици во Мадрид кои се убиени за време на прогонот на Црквата во Шпанија и на нивно застапништво препорача многу наши браќа и сестри кои денес во целиот свет стануваат жртви на прогон, заради тоа што се христијани.

Изразувајќи ја потоа својата близина до жителите во централна Италија кои утрово ги погоди силен земјотрес истакна дека се моли за повредените, за семејствата на кои им е нанесена голема материјална штета како и за луѓето од првата помош и за оние кои им помагаат на погодените, Воскреснатиот да им даде сила и Пресвета Богородица да ги чува.

После поздравот на собраните групи и поединци на плоштадот, папата Фрањо потсети на своето патување во Шведска каде што во спомен на Реформацијата, католиците и лутераните заедно ќе се соберат и заеднички ќе молат. „Ве молам сите да се молите за ова, за тоа да стане едне нова етапа во братското одење кон полното заедништво.“ Отпуштајќи ги собраните верници се препорача во молитвите.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот