Папата: Трудот е продолжение на Божјото дело во историјата
Пензијата е право кое треба да биде загарантирано. Ова го истакна папата Фрањо во говорот за време на аудиенцијата, на плоштадот Свети Петар во сабота 7 ноември 2015 година, со раководителите и вработените во Италијанскиот институт за социјално осигурување.
Папата повторно го критикуваше економскиот модел кој се стреми кон поголем профит, за сметка на човековото достоинство.
Светиот Отец истакна дека меѓу приоритетите на Институтот за социјално осигурување се заштитата на работниците и нивниот одмор, мајчинството и женскиот труд и правото на пензија. „Одморот не е само обична апстиненција од тешкотиите и редовната дејност, туку прилика да се живее целосно личната човечка природа отворена кон средбата со Бог и другите“, истакна Папата.
Оставајќи ја настрана подготвената проповед, папата Фрањо го опиша како понижувачка работата на црно, но исто така и трудовата несигурност и социјалната неправда, кои им го негираат на сите правото на работа и одмор“. Со многубројните понудени услуги – потсети папата – Институтот за социјално осигурување придонесува со полагање на основите, да може одморот да биде живеен како една навистина човечка димензија“.
Папата Фрањо потсети дека трудот е продолжение на Божјото дело во историјата. Затоа, Институтот за социјално осигурување треба да обезбеди достојна егзистенција на оној кој треба да ја напушти својата дејност.
„Работата не може да биде само дел од изопачениот механизам кој ги мели ресурсите за да добие уште поголем профит. Затоа, таа не може да биде продолжена или намалена во зависност од профитот на малкумина или на продуктивните форми кои ги жртвуваат вредностите, врските и принципите. Ова важи генерално за економијата, која не треба да прибегнува кон нови мерки, како што се оние кои претендираат да се зголеми профитот, намалувајќи го пазарот на трудот и создавајќи на тој начин нови исклучени од општеството“.
„Ако се живее на таков начин, како може да се одмара? Одморот е правото што ни се дава кога сме работеле. Но, ако постојат ситуации на невработеност, на социјална неправда, работа на црно, работна несигурност, како може да се одмара? Тоа е срамно. Тоа се случува денес, во целиот свет, па и тука во Рим “.
Во својот говор Папата се задржа и на прашањето поврзано со пензијата, која – вели тој – „не е веќе поврзана со достигнувањето на таканаречената трета возраст. Денес веројатноста за одмор е предвремена, понекогаш одложена со текот на времето, понекогаш сведена на ненормални крајности, како таа која дури ја отстранува и самата веројатност за престанок на работниот однос “.
„Од друга страна не се помалку ни социјалните барања, како на оној кој ја изгубил работата или кој никогаш не работел, така и на оној кој е принуден да ја прекине поради различни причини. Обврска на Институтот за социјално осигурување е да придонесе никогаш да не недостасуваат потребните субвенции за издржување на невработените и нивните семејства“.
Достоинството на човекот – истакна Папата – не може никогаш да биде компромитирано, дури и кога човек престанува да биде економски продуктивен“.
Завршувајќи го својот говор, Папата истакна: „Не заборавајте го човекот. Сакајте го и служете му на човекот со совест, одговорност и благонаклоност. Работете за оној кој се труди, но и за оној кој сака да се труди, но не може. Направете го тоа не како дело на солидарност, туку како обврска на правдата и субсидарноста. Помагајте ги најслабите, за да не му недостасува на никого достоинството и слободата да живее еден автентичен човечки живот“.
РВ/В.Н.