На светата Литургија за упокоените кардиналите и епископите кои починале во текот на изминатата година, а која ја служеше на 3 ноември 2017 година, папата Фрањо потсети дека со верата во воскресението на праведниците и со Исусовите зборови се зацврстува нашата надеж пред болката заради смртта.
Со верата во воскресението на праведниците и со Исусовите зборови се зацврстува нашата надеж пред болката заради смртта – истакна папата Фрањо во проповедта на светата Литургија за упокоените кардиналите и епископите кои починале во текот на изминатата година, а која на 3 ноември ја служеше во базиликата Свети Петар. За време на понтификатот на Павле VI, таа света Литургија се служела во Сикстинската капела, а од 1986 година, со Иван Павле II, во ватиканската базилика.
Осврнувајќи се на литугиските читања, Папата истакна дека прво, од Книгата на пророкот Даниил се изразува силна надеж во воскресението на праведниците: „И многумина од оние што спијат во земниот прав ќе се разбудат – едни за живот вечен, а други за укор и срам.“ Смртта е конечната „крстосница“ која е веќе овде, која на овој свет е пред нас, а на неа се разделуваат патот за животот односно оној кој води до заедништвото со Бог, и патот на смртта, односно оној кој води далеку од Него. А „многумина“ се оние за кои е пролеана Христовата крв – објасни Папата. Тоа е мноштво кое, благодарение на милосрдната Божја добрина, може да ја искуси реалноста на животот која не поминува, целосна победа над смртта преку воскресението.
Во Евангелието Исус ја зацврстува нашата надеж со зборовите: „Јас сум живиот леб што слезе од небото; кој јаде од овој леб, ќе живее вечно;“ (Ив 6, 51). Тие зборови нѐ потсетуватаат на Христовата жртва на крстот – рече Папата. Тој ја прифати смртта за да ги спаси луѓето кои Отецот му ги довери, и кои умреле во ропството на гревот. Хранејќи се со неговото тело и крв се соединуваме со неговата верна љубов, која во себе ја носи надежта во конечната победа на доброто над злото, страдањето и смртта. Верата во воскресението која ја исповедаме ни дава да бидеме луѓе на надежта, а не на безнадежноста, луѓе на животот, а не на смртта, бидејќи нѐ утешува ветувањето за вечниот живот вкоренет во единството со воскреснатиот Христос – истакна папата Фрањо и додаде дека таа надеж ни помага да имаме доверба пред смртта.
Исус ни покажа дека таа го нема последниот збор, туку милосрдната љубов на Отецот нѐ преобрзува и ни дава да живееме во вечно заедништво со Него – рече и додаде: Основната карактеристика на христијаните е смислата за немирното очекување на конечната средба со Бог. Пред малку го потврдивме тоа во Псалмот: „Душата моја жедува за силниот и живиот Бог: кога ќе дојдам и ќе се јавам пред лицето Божјо?“ (41, 3) Тие се поетски зборови кои на трогателен начин го толкуваат нашето внимателно и жедно чекање на љубовта, среќата и Божјата мудрост – рече Папата.
Токму тие зборови од Псалмот се врежале во душите на нашите браќа кардинали епископи кои денес ги спомнуваме – рече Светиот Отец. И додека благодариме за нивното великодушно служење на Евангелието и Црквата, ни се чини дека ги слушаме како со апостолите повторуваат: Надежта не разочарува (Рим 5, 5). Бог е верен и нашата надеж во Него не е залудна – рече на крајот папата Фрањо.
РВ/к.мк