Папата пристигна во Најроби

Папата Фрањо во среда 25 ноември 2015 година се упати на неговото 11 меѓународно патување. Прва станица од посетата на Африка, при што ќе ги посети Кенија, Уганда и Централноафриканската Република. Во своето обраќање на кениска почва пред претседателот Угуру Кенијата, претставниците на локалните власти и дипломатите присутни во градината на претседателската резиденција Стејт хаус во Најроби, Светиот Отец истакна:

„Искуството покажува дека насилството, конфликтите и тероризмот се потхрануваат од стравот, недовербата и очајот, кои се раѓаат од сиромаштијата и од разочарувањата“.(…) „Борбата против овие противници на мирот и просперитетот треба да биде предводена од мажи и жени кои не се плашат и веруваат во големите духовни и политички вредности, кои го вдахновуваат создавањето на нацијата, и ги сведочат на дело“, додаде Папата.

Во своето прво обраќање на кениска почвана англиски јазик, папата Фрањо потсети дека Кенија е благословена земја не само со „безграничната убавина на планините, реките и езерата, шумите и саваните, туку и со изобилство на природни ресурси“. „Тешката криза со животната средина со која се соочуваме бара уште поголема чувствителност во односите помеѓу човекот и природата – истакна папата Фрањо. Сите ние имаме одговорност да ја предадеме убавината на природата во нејзината целовитост на идните генерации и имаме долг одговорно да управуваме со даровите кои сме ги добиле. Овие вредности се длабоко вродени во африканската душа. Во свет кој продолжува да експлоатира, а не да го чува заедничкиот дом, Африканците треба да ги поттикнат напорите на Владата за праведни проекти за економски развој“.

Папата ја истакна јасната врска помеѓу заштитата на природата и градењето на праведен социјален ред. „Обновувањето на односот кон природата нема да биде можно без обновувањето на самото човештво“, истакна Папата, цитирајќи ја енцикликата посветена на екологијата Lаudato si.

Светиот Отец не заборави да ги спомне и „современите зла“ за Африка: „Додека нашите општества се одбележани со поделби, како етнички и религиозни, така и економски, сите мажи и жени со добра волја се повикани да бидат градители на мирот и помирувањето, на простувањето и исцелувањето на срцата. За изградба на здрав демократски поредок, на социјална кохезија и интеграција, на почитувањето на другите, извршувањето на општото добро треба да биде приоритетна цел“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот