Папата: Океанот од солзи во светот ја повикува Божјата утеха

На сите ни е потребна Божјата утеха. Господовата љубов ни овозможува да кажеме кога се љуби, никој и ништо никогаш нема да може да нè отргне од личноста која ја сакаме – истакна папата Фрањо на 5 мај 2016 година предводејќи го молитвеното бдение во ватиканската базилика со цел „да се избришат солзите“.

По тој повод во базиликата Свети Петар беше изложен реликвијар на Пресвета Богородица од Сиракуза.

Молитвата е вистински лек за нашето страдање – тоа беа зборовите на папата Фрањо упатени до сите на кои им е потребна утеха, но и на другите. Покрај реликвијарот Пресвета Богородица од солзите во месецот посветен на Марија, Папата потсети дека во моментот на загуба, болка и плачење во Христовото срце се појавува молитвата до Отецот. Така и ние – објасни – молејќи можеме да го почувствуваме присуството на Бог кој нè утешува, потпира и ни дава надеж. Затоа што и денес – додаде Папата – ни се случува да воочиме жалост на бројни лица кои ги среќаваме.

Колку солзи се пролеваат секој момент во светот; секоја е поинаква, а заедно обликуваат океан на малодушност кој повикува на сомилост, сочувство, утеха – рече Папата и додаде – Најмногу се горки оние предизвикани од човечката подмолност; солзите на оние на кои насилно им е одземена некоја драга личност; солзите на дедовците и бабите, мајките и татковците, децата. Има очи кои често остануваат упатени кон зајдисонцето и тешко ги гледаат мугрите на новиот ден затоа ни е потребно милосрдие, утеха која доаѓа од Господ. На сите нас тоа ни е потребно – рече Папата – Тоа е нашето сиромаштво, но и нашата големина: да ја повикаш утехата од Бог кој со својата нежност ги брише солзите од нашето лице.

Во моментите на жалост, во страдањето заради болест, во вознемиреноста од прогон и болка заради загубата на сакана личност, секој бара збор на утеха, силно сочувство, потреба за некој кој ќе ни биде близу и ќе сочувствува со нас. Се чувствувме загубени, збунети, мислите се полни со прашања, но – рече Светиот Отец – одговори не доаѓаат. Самиот разум не е способен да ја расветли внатрешноста, да ја гледа болката која ја чувствуваме и да ни го даде одговорот кој го очекуваме. Во тие моменти повеќе ни е потребно толкување на срцето, единственото нешто кое може да ни помогне за да го сфатиме таинството кое ја опкружува нашата осаменост – истакна Папата.

Тоа се почувстува во бројните сведоштва деновиве во ватиканската базилика, болни, но истовремено полни со надеж. Тоа беше сведоштвото на семејството Пелегрино погодени од трагедијата на самоубиство на синот; или пак она на Феликс Квасета новинар од Пакистан припадник на локалното католичко малцинство кој побегнал во Италија за да го стави на сигурно своето семејство, бегајќи од прогоните и суровото насилство на кое што во таа земјат се жртви христијаните. Сега благодарејќи на Исусовците работи во Венеција. Своето сведоштво го сподели и Маурицио Фатамичо кој како младо момче ја изгубил смислата за живот, но повторно ја пронашол благодарејќи на верата, мајчинските солзи и помошта од заедницата „Нови хоризонти.“

Во општата молитва Папата меѓу останатото ги упати своите мисли до прогонетите христијани и рече дека нивната тага е жртва за спас на светот; потоа до жртвите на војните, тероризмот и на насилството, молејќи го Бог да ги запре конфликтите, да ги преобрати насилните срца и да му подари на светот мир; угнетените од различни зависности, жртвите на – како што рече „новите заробеништва“; и злоупотребените деца и млади на кои им е одземено детството. Нека солзите на невините резултираат со допирот на Отецот и искрено покајание на оние кои предизвикуваат соблазна.

Во тагата не сме сами – рече Светиот Отец – затоа што Исус знае што значи да ја оплакуваш загубата на саканата личност. Притоа мислеше на делот од Евангелието по Иван кое зборува за Исусовата болка кога ја видел Марија како плаче заради умрениот брат Лазар. Неговите солзи збуниле бројни теолози – објасни Папата – а истовремено миеле бројни души и ја ублажиле болката на многу рани. Ако Бог плачел и јас можам да плачам, знаејќи дека сум сфатен.

Исусовиот плач е лек против рамнодушноста, кон трпењето на моите браќа. Тој плач нè учи дека болката на другите луѓе да ја направиме своја, да станеме учесници во тешкотиите и трпењето на оние кои живеат во најболните ситуации – рече папата Фрањо. Тоа ме поттикнува да почувствувам жалост и очај за оние на кои им се одземени дури и телата на нивните мили и немаат повеќе ниту места на кое можат да пронајдат утеха. Исусовиот плач не може да остане без одговор од страна на оној кој верува во Него – истакна Папата.

Како што Исус утешува така и ние сме повикани да утешуваме затоа што силата на љубовта го преобразува трпењето во сигурност на Исусовата победа и нашето со Него и тоа преку Марија која со својот плашт ги брише нашите солзи и нè придружува на патот на надежта – истакна папата Фрањо и на крајот на присутните им подели слики од воскресното Јагне како израз на неизмерното Божјо милосрдие.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот