И оние кои преку медиуми ќе ја следат Светската средба на семејства која во присуство на Папата ќе се одржи во август оваа година во Даблин, ќе може да добие делумен или потполн опрост.
Папата Фрањо одреди дека може да се добие потполн опрост по повод IX Меѓународна средба на семејства која ќе се одржи од 21 до 26 август во Даблин, Ирска – објави Апостолската пенитенцијарија (Penitenzieria Apostolica), со декрет издаден на 21 мај 2018 година, на литургискиот спомен на Блажена Дева Марија Мајка на Црквата.
Потполн опрост
Потполн опрост може да се даде – се објаснува во документот – под вообичаените услови (со света Исповед, Причест и молитва по накана на Светиот Отец) на верници кои со дух одвоен од било каков грев учествуваат на некој обред во текот на средбата или на неговиот свечен завршеток. Оние кои не се во можност да учествуваат на настанот ќе можат да примат опрост под истите услови, ако духовно се соединети со верниците во Даблин, во семејството ќе измолат Оче наш, Символот на верата и други молитви, посебно кога зборовите на Папата ќе се пренесуваат на телевизија и радио.
Делумен опрст
Во декретот потоа се напоменува дека на верниците може да им се даде делумен опрост, секој пат кога со скрушени срца во одредено време, ќе молат за доборото на семејствата.
Учесници на средбата од повеќе од 100 земји
Засега за учество на средбата се пријавиле околу 22 000 луѓе кои доаѓаат од 103 земји – објави Дикастеријата за лаици, семејство и живот. Со 28 % пријавени луѓе помлади од 18 години, таа средба се покажува како средба со најголем процент млади.
Во текот на средбата ќе помагаат 3 500 волонтери
Што се однесува до организациските прашања, обука веќе посетуваат 3 500 волонтери; се собираат над илјадници барања за молитва, додека иконата за средбата во Даблин и понатаму кружи по ирските бискупии. И на крајот стотина меѓународни заедници на клаузурни монахињи, најавија дека ќе се молат за сите учесници на средбата – се вели од Дикастеријата за лаици, семејство и живот.
Семејството во зборовите на папата Фрањо
Во центарот на средбата ќе бидат упатствата од апостолскиот поттик на папата Фрањо „Amoris laetitia“, а потсетуваме исто така дека Папата на Генералните аудиенции одржа 33 катехези за семејството, истакнувајќи ја неговата важност во Црквата и во општеството. Семејството засновано на бракот помеѓу мажот и жената, чија комплементарност силно се истакнува во однос на идеолошката колонiзација, како што е родовата идеологија, таа „грешка на човечкиот ум.“ – како што ја нарече папата Фрањо. Папата не мисли на некое апстрактно семејство, туку на конкретното семејство со неговите радости и тешкотии. И особено поттикнува на посебно внимание кон ранетите и т.н. нерегуларни семејства.
РВ/к.мк