Папата: Ова е тажен Божиќ, Божиќ во војна – ве молам имајте големо срце

Папата: Ова е тажен Божиќ, Божиќ во војна – ве молам имајте големо срце

Папата Фрањо даде интервју за италијанската телевизија Canale 5, во кое ги изрази своите размислувања за повеќе теми како што се војната во светот, сиромаштвото и Светското првенство.

Папата Фрањо даде интервју на ватиканскиот новинар Фабио Маркесе Рагоно во емисијата Il Natale che vorrei – Божиќ што би сакал. Светиот Отец се осврна на неколку важни теми, за војна, сиромаштвотот и Светско првенство.

Војна која се води во делови

Говорејќи на почетокот за Украина, папата Фрањо истакна дека ја живееме третата светска војна која се води на делови, велејќи дека иако Украина ни изгледа поблиска, во Сирија се води страшна војна веќе тринаесет години. како и во Мјанмар и во Африка. Светот е во војна, рече Папата.

Потоа папата Фрањо истакна нешто што многу го загрижува, а тоа е – ставот на рамнодушност. Пред толку многу сиромашни, бегалци и луѓе кои страдаат овој Божиќ, постои ужасен став на рамнодушност. Најлошото нешто што можеме да го направиме е да го свртиме погледот, рече Папата.

Тажен Божиќ

Ве молам, внимавајте на вашите божиќни трошоци, ограничете ги, истакна Светиот Отец. Ова е тажен Божиќ, Божиќ во војна. Луѓето гладуваат. Ве молиме имајте големо срце и не трошете како ништо да не се случува.

Папата Фрањо потоа зборуваше за корупцискиот скандал што деновиве ја погоди Европската унија. Тој посочи дека сите сме грешници и дека сите мора да молиме за прошка, но и додаде дека, иако сите сме грешници, не сме сите корумпирани. Грешник да, измамник никогаш, рече папата Фрањо и додаде дека таквиот став го плаши.

Скромност во победата

Пред да дознае дека Аргентина ќе биде шампион на Светското првенство, Папата ги замоли победниците да живеат со понизност, а оние што не победуваат да живеат со радост, бидејќи најголема вредност не е да се победи или изгуби, туку да се игра чисто, да се игра добро.

Секогаш можеме да направиме нешто повеќе

Истакнувајќи дека Светиот Отец наскоро ќе прослави десет години од својот понтификат, ватиканскиот новинар Фабио Маркесе Рагона го праша Папата дали има нешто што тој не постигнал, а тоа нешто го посакува.

Секогаш има работи што треба да се направат, одговори Папата. Тој препозна дека Кардиналскиот совет и Секретаријатот за економија одат напред, но рече дека секогаш може да се направи нешто повеќе и истакна: Можеме да имаме многу организирана Курија, парохија, епархија, но ако нема мисионерски дух, ако нема молитва таму ништо не се случува, не оди напред. Молитвата е важна.

Погледнете го Детето на надежта

На крајот папата Фрањо испрати божиќна порака до сите што слушаат. Погледнете го Детето; погледнете ја ѕвездата. Во Детето е надежта. Иако е роден сиромашен и прогонет, Исус сепак донел надеж.

Сите вие што слушате, заврши Папата, би сакал да ве замолам Господ да ви даде детска нежност, да не ја изгубиме човечката нежност, да ни помогне и да ни даде ѕвездена светлина.

На крајот ги благослови сите и посака убав и свет Божиќ. Господ нека ве благослови и Богородица нека ве чува.

Ватикан њуз/к.мк

 

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот