Папата: Нема таков грев кој Бог не може да го прости

Пред молитвата Ангел Господов на 11 септември 2016 година Папата зборувајќи за Божјото милосрдие рече нема таков грев кој Бог не може да го прости затоа што Бог е Тој Кој прв чека, прифаќа и прегрнува славејќи го враќањето на загубеното.

Во продолжение целосниот текст од катехезата

„Денешната литургија ни ја предлага 15 глава од Евангелието според Лука т.н. глава на милосрдието каде што преку три параболи Исус одговара на негодувањето на книжниците и фарисеите. Тие го критикуваат неговото однесување говорејќи: „Овој прима грешници и јаде со нив“ (ред 2) Со помош на овие три приказни Исус сака да протолкува дека Бог е Отец Тој Кој прв покажува кон грешниците став на прифаќање и милосрдие. Тоa е Божјиот став. Во првата парабола Бог е претставен како пастир, ги остава деведесет и деветте за да ја побара она загубената овца. Во втората е спореден со жената која загубила драхма и ја бара се додека не ја најде. Во третата Бог е замислен како таткото кој го прифаќа синот кој се одалечил. Сликата за таткото го открива срцето на Бог, милосрдниот Бог објавен во Исус.

Заедничкиот елемент на овие параболи е изразен во глаголите радувајте се заедно, прославете. Не се зборува за жалост. Радоста е на дело и славењето. Пастирот ги повикува пријателите и соседите и им вели: „Радувајте се со мене, оти ја најдов мојата загубена овца!“ (ред 9) Таткото му говори на другиот син: „Требаше да се зарадуваме и развеселиме, оти овој твој брат беше мртов и оживе, изгубен беше и се најде.“ (ред 32) Во првите две параболи акцентот е на радоста, толку голема што мора да се сподели со пријателите и соседите. Во третата парабола акцентот е на славењето кое доаѓа од срцето на милосрдниот татко и се шири на целиот негов дом. Ова Божјо славење за оние кои му се враќаат покаени е во согласност со Јубилејната година во која живееме како што кажува и самиот збор „јубилеј“ (итал. giubileo, giubilare –  слави).

Со овие параболи Исус ни го покажува вистинското лице на Бог: Отец со раширени раце кој кон грешниците се однесува со нежност и милосрдие. Најтрогателна е параболата и тоа за секого, онаа за таткото кој се наведнува и го прегрнува пронајдениот син затоа што ја открива бескрајната Божја љубов. Не е трогателна заради тажната приказна за момчето кое не успеало, туку заради неговите одлучни зборови: „Ќе станам и ќе отидам при татка си“ (ред 18). Патот за враќањето дома е патот на надежта и новиот живот. Бог секогаш чека да тргнеме на пат, трпеливо нè очекува, нè љуби и ни простува. Таков е Бог. Таков е нашиот Отец. А неговото простување го брише минатото и нè раѓа одново во љубовта. Го заборава минатото. Тоа е Божјата слабост кога нè прифаќа и кога ни простува, Бог нема сеќавање, го губи сеќавањето, го заборава минатото. Кога ние грешниците ќе се обратиме и дозволиме Бог да нè пронајде, не нè очекуваат укори и суровост  затоа што Бог спасува радосно, прифаќа назад во домот и подготвува славење. Исус во денешното Евангелие вели: „На небото ќе биде поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници што немаат потреба од каење“ (Лк 15,7). И ќе ви постави прашање: Дали некогаш сте помислиле дека секој пат кога се приближуваме до исповедилницата во небото владее голема радост? Дали сте размислувале за тоа? Тоа е прекрасно!

Тоа влева голема надеж затоа што нема таков грев од кој со милоста Божја не би можеле повторно да станеме, нема човек кој би бил неповратно загубен. Никој не е неповратно загубен! Бидејќи Бог никогаш не престанува да го посакува нашето добро, дури и кога грешиме! Нека Дева Марија, Засолниште на грешниците направи во нашите срца да врие довербата која се криеше во срцето на блудниот син: „Ќе станам и ќе отидам при татка си и ќе му речам: Татко згрешив“ (ред 18). На тој начин ние можеме да пружиме радост на Бог, а неговата радост може да стане негово и наше славење.“

По катехезата папата Фрањо повика на посебна молитва за Габон кој поминува низ тешка политичка криза. „На Господ му ги доверувам жртвите на конфликтот и нивните семејства. Заедно со епископите на ова драга африкнска земја ги повикувам конфликтните страни на одбивање на секакво насилство, имајќи го секогаш за цел заедничкото добро. Ги охрабрувам сите, посебно католиците да бидат градители на мирот почитувајќи ги законите преку дијалог и братство“, заклучи Папата.

Понатаму потсети дека денес во Караганди во Казакстан е прогласен за блажен Ладислав Буковински свештеник и парох прогонуван заради верата. Во текот на својот живот секогаш покажувал голема љубов кон најслабите и оние во потреба. Неговото сведоштво е суштината на духовните и телесните дела на милосрдието истакна папата Фрањо, нагласувајќи: „Колку само трпел овој човек!“

По поздравот на поедини групи Папата вообичаено потсети сите да се молат за него посакувајќи пријатна недела и добар апетит.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот