На Светата Литургија со посвета на миро, која папата Фрањо ја служеше во базиликата Свети Петар на Велики четврток, 6 април 2023 година, зборуваше за свештеничкиот повик и за искушенијата на кои може да биде подложен: неопходно е да се препушти на Светиот Дух и да се дозволи нашите животи да зрачат со неговото присуство, не дозволувајќи да се предадеме на просечноста и компромисите.
Велики Четврток е денот кога Исус на своите ученици им ја даде заповедта за меѓусебна љубов, служење во свештенството и во Евхаристијата, а денешната Литургија ги спомнува тие дарови. Светата Литургија со посвета на миро, која папата Фрањо ја предводеше во базиликата Свети Петар, беше химна на Светиот Дух. И токму за него Папата размислуваше заедно со многубројните свештеници кои во оваа прилика ги обновија своите ветувања. Зашто без Духот Господов – рече Папата – нема христијански живот, а без неговото помазание нема светост. Тој е изворот на службата и животот на секој пастир.
Без Него Црквата не би била жива Христова свршеница, туку повеќе би била верска организација; не Христовото тело, туку храм изграден од човечка рака. Како тогаш да се гради Црквата, ако не се појде од фактот дека ние сме храмови на Светиот Дух кој престојува во нас? Не можеме да го оставиме надвор од куќата или да го паркираме во верска зона. Секој ден треба да кажеме: „Дојди, бидејќи без твојата сила нема ништо од човекот“.
Момент на криза
Светиот Отец во својата проповед долго се задржа на моментите на криза, кои во различни форми може да го одбележи секој свештеник, како што ги одбележа апостолите, и истакна дека порано или подоцна се случува човекот да доживее разочарувања, замор и слабост, додека поради некои искушенија, кои некогаш тешко може да се замислат, ја прави верноста понепријатна од порано. Тоа е клучен момент кој може да има различни исходи.
Од тоа може лошо да се извлече, полека лизгајќи се кон одредена просечност, влечејќи се уморен во некоја „нормалност“ во која се вовлечени три опасни искушенија: компромис, кој нè тера да се задоволиме со она што треба да се направи; сурогати, поради што се трудиме да се „наполниме“ со нешто друго освен со нашето помазание; и обесхрабрување, поради што незадоволни продолжуваме да одиме по инерција. Постои голема опасност; додека изгледот останува недопрен, ние се повлекуваме во себе и живееме безволно; мирисот на помазанието повеќе не го исполнува животот, а срцето не се шири, туку се собира, обвиткано со разочарување.
Духот делува на слабост и кревкост
Сепак, кризата може да биде пресвртница, свесен избор меѓу Исус и светот, меѓу хероизмот на љубовта и просечноста, момент во кој може да започне нов пат, пат на вера и љубов без илузии – рече Папата. и го цитираше текстот што им предложи на свештениците да го прочитаат, со наслов: Вториот повик, чиј автор е отец Рене Војом.
Го препорачува на сите затоа што – како што рече – дава добра егзегеза на Петровиот повик, последниот, на Тиверијското Море: Вториот повик на Петар. Зборува за потребата од преобразба во одреден момент од свештеничкиот живот, бидејќи ако продолжиш вака, без да созрееш, ако направиш чекор напред во тој момент на криза, ќе завршиш лошо.
Во момент на криза, неопходно е да се открие дека сè не се сведува на напуштање на коработ и мрежите за да го следиме Исус некое време – забележа Римскиот бискуп – туку бара да одиме на Голгота, да ги прифатиме нејзините поуки и плодови, и дека со помош на Светиот Дух одиме до крајот на животот кој треба да заврши со совршенство на божествената љубов. Со помош на Светиот Дух; време е, за нас како и за апостолите, за „второ помазание“, да го примиме Духот, не на ентузијазмот на нашите соништа, туку на кревкоста на нашата реалност.
Светиот Дух, протогонист на свештеничкиот живот
Папата Фрањо потоа предложи некои прашања кои поттикнуваат темелен испит на совеста, како што е повикот до свештениците да се запрашаат дали нивното остварување зависи од нивната способност, улогата што ја добиваат, пофалбите што ги примаат, нивната кариера или од тоа дали нивниот живот мириса на помазание на Духот. За да се направи тој чекор на созревање, потребно е да се тргне од сознанието на сопствената слабост – рече Папата и нагласи: Свештеничката зрелост доаѓа од Светиот Дух, тоа се остварува кога Тој ќе стане протагонист на нашиот живот.
Духот внесува хармонија во Црквата
Покрај помазанието, папата Фрањо ја истакна и хармонијата, која е последица на помазанието. Имено, Светиот Дух е хармонија, на небото, но и на земјата – напомена и додаде: Во Црквата ја буди различноста на харизмите и ја поврзува во единство, создава хармонија која не се заснова на хомогенизација, туку на креативност во љубовта. Тој е „ние“ на Отецот и Синот, бидејќи тој е нивна врска, а сам по себе е слога, заедништво и хармонија. Воспоставувањето хармонија е задача на оние кои се посветени од Духот – истакна Папата и предупреди:
Ние грешиме против Духот кој е заедништво кога се бунтуваме, исто и поради површност, средство за поделба; и кога се игра во рацете на непријателот кој не излегува на виделина и сака гласини и инсинуации, поттикнува партии и конзорциуми, поддржува носталгија за минатото, недоверба, песимизам и страв. Да бидеме внимателни, ве молам, да не го извалкаме помазанието на Духот и облеката на Мајката Црква со неединство, поларизација, и било каков недостаток на љубов и заедништво. (…) Мислам и на љубезноста на свештениците: ако луѓето дури и меѓу нас наидат на незадоволни и неволни личности кои критикуваат и покажуваат со прст, каде ќе видат хармонија? Колку луѓе не се доближуваат или се оддалечуваат затоа што не се чувствуваат прифатени и сакани во Црквата, туку гледани со сомнеж и осудувани!
На крајот од проповедта, папата Фрањо им се заблагодари на свештениците за нивното сведочење, за честопати скриеното направено добро, за простувањето и утехата што ги даваат во Божјо име и се помоли на Светиот Дух да ги поддржи и да ги направи пророци на неговото помазание и апостоли на хармонијата.
Ватикан њуз/к.мк