Надбискупот Галагер: Хуманитарната мисија на Каритас „понеопходна од кога било“

Надбискупот Галагер: Хуманитарната мисија на Каритас „понеопходна од кога било“

Секретарот за односи со државите и меѓународните организации на Ватикан, надбискупот Пол Ричард Галагер им се обрати на учесниците на Генералното собрание на Каритас Интернационалис што се одржува во Рим, пофалувајќи ја хуманитарната работа на конфедерацијата и ги повика да продолжат да работат за мир.

Хуманитарната мисија на Каритас Интернационалис е исклучително важна за Црквата, рече надбискупот Пол Ричард Галагер во петокот, 12 мај 2023 година.

Надбискупот, кој е секретар на Светиот Престол за односи со државите и меѓународните организации, им се обрати на учесниците на Генералното собрание на Каритас Интернационалис, конфедерација од повеќе од 160 различни добротворни организации кои се собраа на седница во Рим, која ќе заврши во вторник, 16 мај.

Мисијата на Каритас

Надбискупот Галагер ја започна својата порака осврнувајќи се на централната работа на Каритас за Црквата, велејќи дека милосрдието е навистина суштината на црковниот живот. Тој ги цитираше зборовите на папата Фрањо на истата тема: Мисијата на Каритас, рече Светиот Отец во 2016 година, е од исклучителна важност бидејќи може да направи секој човек да се чувствува сакан од Отецот, не со зборови, туку со конкретна љубов.

Потоа набискупот Галагер истакна две важни карактеристики на таа каритативна активност. Прво, рече тој, оди подалеку од материјалната и социјалната помош – се однесува на целата личност; сака да ги крене луѓето на нозе – и, второ, не е еднонасочна, туку претставува братска средба со оние на кои им се помага.

Светлина во темни времиња

Од моето последно обраќање на овој важен собир, продолжи надбискупот Галагер, светот е силно погоден од невидени кризи: пандемија со болеста Ковид-19, природни катастрофи предизвикани од климатските промени, зголемена несигурност за храна и глад, нови конфликти, како и политички нестабилност и насилство.

Со оглед на овој страшен контекст, рече надбискупот Галагер, синџирот на братство кој го претставува Каритас – организација со седиште во повеќе од 200 земји – е понеопходен од кога било.

Истото важи и за работата на организацијата за мир, чие промовирање го означи како примарна задача на Црквата. Со оглед на растечките конфликти во светот – во Украина, Хаити, Судан, Блискиот Исток и на други места ангажирањето за промовирање на мирот и разбирањето меѓу луѓето и народите треба да остане основен аспект на работата на Каритас – рече архиепископот.

Католички идентитет

Последната тема на обраќањето на надбискупот Галагер беше изразито католичкиот карактер на Каритас, што го разликува од сите други заслужни непрофитни или алтруистички организации.

Надбискупот објасни дека Каритас Интернационалис е создаден по Вториот ватикански собор, кога беше донесена одлука да се даде сеопфатна структура на добротворната и развојната работа што локалните цркви веќе ги извршуваа. Затоа, таа всушност функционира како добротворна гранка на Католичката црква, служејќи како израз на милосрдието на христијанската заедница.

Имајќи го ова на ум, надбискупот Галагер го истакна централното место на католичкиот идентитет на Каритас, истакнувајќи дека мора да ја најде својата сила и идентитет во ова теолошко вдахновение.

Потоа забележа два начини на кои се изразува овој теолошки идентитет. Прво, рече тој, католичкиот карактер на Каритас живее преку каритативното делување, што е израз на Христовата љубов. Второ, продолжи тој, тоа се покажува преку неговото сведочење во светот, каде Каритас станува портпарол на меѓународната заедница и застапник на здрава антрополошка визија, вкоренета во католичкото учење и посветена на целосна одбрана на човечкото достоинство.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот