Пред молитвата Ангел Господов со народот, папата Фрањо на 8 декември ги поттикна верниците преку примерот на Блажена Дева Марија понизно и радосно да го живеат секојдневниот живот со поглед свртен кон Бог и ближниот.
Внатре во ѕидовите на домот, човекот себе најдобро се открива. Токму во таа топлина на домот Евангелието ни ја открива убавината на срцето на Марија, истакна Папата, обраќајќи им се на верниците пред молитвата Ангел Господов.
Ангелот ја нарекува „благодатна“. Ако е благодатна, значи дека Пресвета Богородица е без зло – без грев, Безгрешна. На тој збор како што пишува, Марија се смее. Не е само изненадена, туку збунета, рече Папата.
Добивањето на големи поздрави, почести и пофалби понекогаш нѐ води во искушение тоа во нас да предизвика гордост и вообразеност. Марија пак не се возвиси, туку е вознемирена. Наместо задоволство, чувствува чудење. Поздравот на ангелот ѝ изгледа премногу величествен. Зошто? Бидејќи таа од внатре ја чувствува својата маленкост, а таа маленкост, понизност го привлекува Божјиот поглед, рече Светиот Отец.
Внатре во ѕидовите на назаретскиот дом ја гледаме таа чудесна каратеристика на срцето на Марија: примајќи најголеми пофалби засрамена е затоа што слуша зборови кои себе не си ги препишала. Марија, нагласи Папата ништо не си препишува на своите заслуги. Не е самозадоволна, не се вознесува. Бидејќи како што објасни Папата, во својата понизност знае дека сѐ прима од Бог. Затоа целосно слободна од себе, потполно се насочува кон Бог и другите. Марија Безгрешна не гледа на себе. Тоа е вистинска понизност: не гледа на себе, туку се насочува кон Бог и другите, рече Папата.
Да се присетиме, повика Папата, дека тоа совршенство на Марија, полнотата на благодатите, ангелот го објавува внатре во ѕидовите на нејзиниот дом, а не на главниот плоштад во Назарет. Во таа мала назаретска куќа чукало најголемото срце кое созданието некогаш го имало.
Господ ни зборува, потсети Светиот Отец, за да направи големи дела не му се потребни многу средства и нашите возвишени способности, туку нашата понизност, отворените очи за Него и за другите. Со ова навестување, внатре во сиромашните ѕидови на малата куќа Бог ја променува историјата. И денес сака со нас да прави големи работи во нашиот секојдневен живот: во нашите семејства, на работа, во секојдневното опкружување, рече Папата, прашувајќи, верувам ли навистина дека Божјата благодат сака таму да делува повеќе отколку во големите историски настани или веруваме дека светоста е утопија, нешто за избраните, побожна илузија неспоива со секојдневниот живот?
Да ја замолиме Пресвета Богородица, повика Папата, да нѐ ослободи од заблудата дека Евангелието е едно, а животот друго; во нас да го распламти ентузијазмот за идеалот на светоста кој нема никаква врска со сликичките со светците, туку со тоа да живееме понизно и со радост во секојдневните настани, како Пресвета Богородица, ослободени од себе самите, со очите свртени во Бог и во ближниот. Да не паѓаме со духот: Господ на сите ни го дал она што е потребно за да ја исткаеме светоста во нашиот секојдневен живот, охрабри Папата. Кога ќе нѐ нападне сомнеж дека не можеме да успееме или тага што не сме соодветни, да дозволиме Пресвета Богородица да нѐ погледне со своите очи полни со милосрдие затоа што никој, кој ја барал нејзината помош, никогаш не бил напуштен, потсети Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк