Папата: На општеството му е потребен „женскиот талент“

„Женскиот талент во целост да се манифестира, бидејќи Бог ја „обдарил“ жената со „немерливи дарови“, што ја прави способна да ги надмине конфликтите, да лекува рани, да ги задржи луѓето заедно.

Со овие зборови папата Фрањо се обрати преку писмо до кардинал Турксон, претседател на Папскиот совет за правда и мир, кој е организатор на меѓународната конференција „Жените и нивното место во програмата за развој, кои се предизвиците пред целите на одржливиот развој по 2015“.

Дводневната конференција се одржа во Рим до 24 мај, а иницијативата и организацијата се дело на Папскиот совет за мир и правда во соработка со Светскиот сојуз на женските католички организации (WUCWO) и Светскиот сојуз на жените за живот и семејство (WWALF). Конференцијата ги продолжува идеите од Меѓународната конференција од 2009 година за „Живот, семејство, развој: улогата на жените во промоција на човековите права“.

Бранејќи го правото на живот, треба да сме сигурни дека секој „живот од зачнувањето до природниот крај треба да е „достоен и ослободен опасноста од глад, сиромаштија, насилство и прогонство“. Папата Фрањо пишува понатаму до кардиналот Турксон, истакнувајќи дека конференцијата одржана во Рим ги става на преден план „предлозите промовирани од католичките жени во меѓународните процеси“ во подготовките за новата програма за развој на ООН во периодот по 2015 година. Прашањата поврзани со животот, потсети Папата, навраќајќи се на енцикликата на Бенедикт XVI „Caritas in veritate“, се „нераскинливо поврзани со социјалните прашања“.

Денес, жените се соочуваат со различни проблеми и предизвици. Во западниот свет „сеуште страдаат од дискриминацијата на работното место“; често се „принудени да избираат меѓу работата и семејството“; нивниот живот на пријателки, сопруги, мајки, сестри, баби, за жал често се соочува со насилство“, истакна Папата. Во земјите во развој, како и во најсиромашните, жените го носат „ поголемиот товар на рамењата“, поминуваат километри во потрага по вода, умираат „давајќи живот на едно дете“, се „киднапираат со цел сексуална експлоатација“ или се принудувани да се омажат во кревка возраст или против нивната волја, понекогаш „дури се лишени од правото на живот, само затоа што се жени.“

Но Бог ја „обдари“ жената со „немерливи дарови“, што ја прави способна за дијалог, да решава мали и големи конфликти, ја обдарил со чувствителност да ги „лекува раните“ и да се грижи за секој еден живот во општеството, ја обдарил со милосрдие и нежност, со која треба да ги задржи луѓето заедно, истакна Папата. „Овие аспекти, рече папата Фрањо, се дел од “женскиот талент“, кој треба да се манифестира целосно“ во корист на општеството.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот