Папата на Генералната аудиенција: Сите ние сме Божјо семејство

На катехезата во среда 25 септември на Генералната аудиенција на плоштадот Свети Петар, Светиот Отец говореше за Црквата. Во симболот на верата исповедаме: Верувам во една (…) Црква, значи исповедуваме дека е само една и дека по себе значи единство. Но ако гледаме на Католичката црква во светот, откриваме дека таа има повеќе од три илјади епархии на сите континенти, опфаќајки многу јазици и култури. Тука се епископите од различни култури и земји – на пример епископот од Шри Ланка, од Јужна Африка, од Индија – овде се и бројните епископи од Латинска Америка. Црквата е раширена по целиот свет. А сепак илјадниците католички заедници прават заедништво. Како е можно тоа? – запраша Светиот Отец. Краток одговор наоѓаме во Катехизмот на Католичката црква, кој вели: Католичката Црква распространета во светот, има само една вера, само еден светотаински живот, единствено апостолско наследство, заедничка надеж, иста љубов. Тоа е многу убава и јасна дефиниција, зарем не? Добро нѐ упатува. Една вера, една надеж, љубов: исти Свети Тајни и иста служба, тие се како столбови кој го потпираат и држат единството на големото здание кое се вика Црква – истакна Светиот Отец.

Каде и да одиме, па и во најмалата парохија, во најзапоставеното место на земјата, само една е Црквата, ние сме дома, ние сме семејство, браќа и сестри. А тое е голем дар Божји. За сите е една Црква. Не постои една Црква за Европјаните, друга за Африканците, трета за Американците или за Азијците; или за оние кои живеат во Океанија…. Не! Црквата секогаш е една! Во Црквата е како во семејство: можеме да бидеме оддалечени, распрснати по светот, но секогаш остануваат цврстите основи кои ги соединуваат членовите на семејството – рече Папата и додаде:

Ми паѓа на памет Светскиот ден на млади во Рио де Жанеиро: во она бескрајно мноштво на млади на плажата Копакабана, се сретнаа разни култури, зборуваа на различни јазици, се гледаа различни обележја и лица, а сепак постоеше цврсто единство, се обликуваше единствената Црква, сите беа соединети и тоа се чувствуваше. Значи сите да се запрашаме: како католик дали го чувствувам тоа единство, дали го живеам црковното единство или не ме интересира, бидејќи сум затворен во својата мала група и живеам за себе? Дали ја присвојувам Црквата за своја група, за свој народ или за сопствени пријатели?

Тажно е да се гледа Црквата присвоена од егоизмот и недостаток на вера, зарем не? Кога слушам колку христијани страдаат во светот, дали сум рамнодушен или се чувствувам како да страда некој од семејството? Кога мислиме и кога слушаме за прогонството на бројните христијани и што својот живот го жртвуваат заради верата, дали се натажува моето срце или тоа не ме интересира? Дали сум отворен кон братот и сестрата која за Исус Христос го жртвува животот? Дали молиме едни за други?

Ќе ве прашам нешто, но не одговарајте на глас, туку во срцето. Колкумина молат од вас за прогонетите христијани? Секој нека си одговори во себе. Дали молам за братот или сестрата во тешкотии, бидејќи ја исповедува и брани верата? Многу е важно да се гледа преку сопствената ограда, да се чувствувате дел од Црквата, единствено Божјо семејство – истакна папата Фрањо.

Говорејќи за живеењето на црковното единство, Папата постави уште едно прашање: Можеме ли да го раниме црковното единство? За жал, гледаме низ историјата, па и сега, не го живееме секогаш тоа единство. Понекогаш недоразбирања, судири, напнатост и поделби го рануваат тоа единство, а тогаш Црквата нема лице какво што би сакале, не сведочи за љубовта која ја сака Бог. Ние сме тие кои создаваат раздор. А ако се осврнеме на постоечките поделби меѓу христијаните: католици, православни, протестанти… тогаш тешко можеме да си го предочиме тоа единство – рече Светиот Отец.

Бог ни дарува единство, но ние често пати едвај успеваме да го живееме. Треба да се бара, да се гради заедништво, да се воспитува за заедништво, да се надминат недоразбирањата и поделбите, почнувајќи од семејствата, од црковните реалности, како и во екуменскиот дијалог. На светот му е потребно единство. На сите нас ни е потребно единство, потребно ни е помирување и заедништво, а Црквата е куќа на заедништво – истакна Папата потсетувајќи на говорот на свети Павле до Ефесјаните.

„Затоа ве молам, јас затвореник во Господа, да живеете достојно според звањето во кое сте повикани: со секаква понизност и кроткост, со трпеливост, поднесувајќи се едни со други во љубов! Настојувајте да го запазите единството на Духот во врската на мирот.“ Понизност, нежност, великодушност, љубов за единство, тоа се вистинските патишта, зарем не? Да ја живееме понизноста уште поуверливо – против бесцелноста, горделивост – понизност, нежност, великодушност, љубов за единството, поттикна Папата цитирајќи ги зборовите на свети Павле:

Едно тело, Христово кое го примаме во Евхаристијата; еден Дух, Светиот Дух, кој надахнува и постојано ја создава Црквата; една надеж – живот вечен; една вера и едно крштавање; еден Бог и Отец на сите. (сп. Ефесјаните 4,4-6) Тоа е вистинското богатство.

Тоа е вистинското богатство, тоа нѐ обединува, не дели, туку обединува. Тоа е богатството на Црквата. Секој од нас нека се запраша; дали допринесувам во растот на единството во семејството, парохијата, заедницата или сум брбливец, причина за поделба и неудобност? Можеби не сте свесни на злото кое брборењето и го нанесува на Црквата, парохиите и заедниците: Навистина прават зло. Брборењето ранува. Христијанинот би морал да се гризне за јазикот пред да започне да брбори? Тоа би ни користело, бидејќи јазикот ќе отече и нема да може да говори, нема да може да брбори. Дали сум толку понизен така што со трпение и жртва ги лекувам раните на заедништвото? – праша папата Фрањо, а потоа се осврна на творецот на црковното единство.

Тоа е Светиот Дух, кој го примивме на Крштението и во светата Тајна Миропомазание. Нашето единство не е плод на наш консензус или демократија во Црквата, или пак на нашите напори да се сложуваме, туку доаѓа од Духот, кој во различноста создава заедништво, бидејќи Духот е хармонија, секогаш создава хармонија, хармонично единство во бројните различни култури, јазици и мислења. Светиот Дух е покренувач на црковното единство. Поради тоа важна е молитвата за заедништво и единство, молитва до Светиот Дух за да дојде и да создаде единство во Црквата – рече папата Фрањо и поттикна на молитва.

Да молиме: Господи дај да бидеме што повеќе соединети; да не бидеме орудие за поделба; направи да се сложуваме, како што се вели во убавата фрањевска молитва, да носиме љубов, таму каде што има омраза, простување каде што има навреди; единство каде има неслога. Нека биде така – со овие зборови ја заврши Светиот Отец својата катехеза.

го*ко

Категорија: Ватикан

За авторот