На свечената литургија на Христовото раѓање, папата Лав XIV упати порака за мирот што веќе е меѓу нас, но чека да биде пречекан. Во својата проповед, тој го поврза таинството на Воплотувањето со драмите на современиот свет – војни, бегалци, сиромаштија и осаменост – и ги повика Црквата и човештвото да ги прекинат монолозите на моќта и да го обноват дијалогот преку слушање, сочувство и нежност.
На почетокот од својата проповед, Светиот Отец се осврна на пророкот Исаија, кој навестува радост меѓу урнатините на еден уништен град. Оваа слика, нагласи Папата, зборува и за нашето време: иако светот изгледа ранет и покриен со прашина, веќе осамнал нов ден. Мирот не е илузија или далечна утопија , тој постои и веќе е меѓу нас, бидејќи Христос дојде на светот.
Исусовите зборови: „Мирот Мој ви го давам; не како што го дава светот, туку како што го давам јас“ ја даваат, според папата Лав XIV, суштината на Божиќ. Денес го славиме не само дарот на мирот, туку и начинот на кој ни е даден. Во ова „како“ се открива Божјата поинаковст. Затоа Божиќ е празник на песната – бидејќи од средбата со овој дар извира радост што не може да биде тивка.
Папата се фокусираше на прологот на Евангелието според Иван, претставувајќи го Словото како активна реалност. Божјото Слово секогаш дејствува, но изненадувањето на Божиќ е што доаѓа без зборови – како новородено дете кое плаче. „Словото стана тело“ значи дека Бог избира ранливост. Ова „тело“, рече Папата, денес зборува преку сите оние луѓе кои се лишени од својот глас и достоинство. Човечкото тело вика за грижа, прифаќање и признание.
Мирот, нагласи Светиот Отец, е парадоксален дар: се нуди и очекува да биде прифатен. Бог се изложува на отфрлање, но така нè спасува од рамнодушноста. Да се биде „Божји деца“ е вистинска сила, која останува скриена ако се држиме на дистанца од плачот на децата, ранливоста на старите лица и молчењето за жртвите.
Цитирајќи го папата Фрањо, Лав XIV потсети дека Христос сака да ја допреме човечката беда и страдалното тело на ближниот. Вистинската радост на Евангелието поминува низ сочувство, а не низ заштитна дистанца. Во овој дух, Папата го насочи својот поглед кон денешните „шатори“ на човештвото, бегалските кампови во Газа и низ целиот свет, импровизираните засолништа на бездомниците во нашите градови, кревките животи на народите растргнати од војна.
Неговиот апел до младите луѓе принудени да носат оружје беше особено моќен. Таму, на фронтот, рече Папата, тие јасно ја чувствуваат бесмисленоста на насилството и лагите скриени зад гласните говори на оние што ги испраќаат да умрат.
Мирот започнува, нагласи Светиот Отец, кога болката на другите продира во нашите срца и ги уништува нашите лажни уверенија. Тој се раѓа од прифатен крик, од слушнат крик, од солидарност среде урнатини. Христос, Словото, смислата на целото создание, продолжува да зборува и денес, повикувајќи на преобраќање.
Како заклучок, папата Лав XIV го истакна посланието на Црквата: да не наметнува зборови со сила, туку да биде присуство кое генерира добро. Патот на посланието е пат кон другиот, кон дијалогот. Ќе има мир, рече тој, кога ќе ги прекинеме сопствените монолози и ќе клекнеме пред ранливото тело на нашиот ближен. Во Дева Марија, Мајка на Црквата и Царицата на мирот, верниците ја откриваат оваа вистина: не е силата таа што раѓа нов живот, туку сила на прифатената љубов.
Ватикан њуз/к.мк

